Зошто математиката им предизвикува анксиозност на многумина

Зошто математиката им предизвикува анксиозност на многумина

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Чувството на непријатност во врска со математиката кај многу луѓе се јавува уште во раното детство кога добиваат лист со броеви. Во овој момент од животот може да се јави чувство на паника. Многу години подоцна овие чувства можат да се вратат, во моменти кога возрасните мора да прават едноставни работи како што се делење на сметката за вечера или помагање на децата со домашната задача. Постои чест феномен наречен „математичка анксиозност“. Таа нема никаква врска со интелигенцијата на лицето, туку се развила поради искуства што се случуваат со текот на времето, како и преку социјалните знаци и начинот на кој нашите мозоци реагираат на стрес.

Кога стравот го презема размислувањето

Анксиозноста го менува начинот на кој функционира мозокот. Кога некој е под закана, дури и мала, вниманието се стеснува. Умот се префрла кон управување со стравот наместо кон решавање проблеми. Математиката во голема мера се потпира на работната меморија, менталниот простор што се користи за чување броеви во умот. Анксиозноста се натпреварува за тој простор.

Како што се натрупува грижата, таа ги исфрла токму информациите што се потребни за да се заврши задачата. Едноставните проблеми одеднаш изгледаат невозможни. Многу луѓе со математичка анксиозност го разбираат материјалот, но притисокот што го чувствуваат се меша во пристапот до она што го знаат. Кога перформансите опаѓаат, се чини дека се потврдува верувањето оти се лоши во математиката. Тоа верување ја продлабочува анксиозноста и циклусот продолжува. Проблемот не е способноста, туку менталниот напор создаден од стравот.

Каде започнува математичката анксиозност

Не доаѓаме на овој свет со стравови во врска со броевите, но преку повторени искуства што вклучуваат непријатност на крајот ќе се развие анксиозност во врска со математиката. На пример, такви искуства се: престој во преполна училница, неочекувано повикување на табла и добивање погрешен одговор, тестирање под притисок, слушање наставници кои велат дека правењето грешки е нешто што луѓето треба да го избегнат, како и слушањето „безопасни“ коментари од возрасни (на пр., „Никогаш не бев добар во математиката“). 

Културните ставови, исто така, играат улога. На многу места општествено е прифатливо да се смееме на тоа што сме лоши во математика. Со текот на времето ова ги намалува очекувањата и поттикнува избегнување. Луѓето почнуваат да веруваат дека математичките вештини се фиксни, нешто што или го имате или го немате.

Родителите можат, без намера, да придонесат за математичка анксиозност. Со гледање на ситуациите што вклучуваат сопствена или домашна задача по математика на нивното дете со чувство на стрес, возрасните им пренесуваат на децата преку видливи знаци, како што се говорот на телото, тонот на гласот, поттикнати емоции (страв, вознемиреност) итн., дека има нешто негативно во врска со математиката. Кога возрасните изразуваат таква перцепција за математиката, децата природно ќе ги поврзат броевите со чувство на притисок наместо да станат љубопитни да научат повеќе за математиката.

Проблемот со брзината и тестирањето

Математиката често се учи како да е трка. Брзите одговори се наградуваат. Паузите се обесхрабруваат. За вознемирените ученици, тестовите со временско ограничување можат да бидат особено штетни. Часовникот што отчукува додава притисок и остава уште помалку простор за работна меморија. Ученикот може совршено да го разбере концептот, но да се замрзне кога времето му е ограничено.

Овој акцент на брзината, исто така, погрешно претставува како изгледа математиката во реалниот свет. Надвор од училиштето, значајната математика ретко е брза. Луѓето двапати ја проверуваат својата работа. Тие користат калкулатори, софтвер и белешки. Разговараат за проблемите со другите. Кога училниците ја ценат брзината пред расудувањето, многу ученици почнуваат да веруваат дека едноставно не припаѓаат таму.

Зошто е важна 
математиката надвор од училиштето

Откако ќе завршите со образованието, ќе продолжите да доживувате вознемиреност од математиката. Ова ќе влијае на многу начини, вклучувајќи ги изборот на кариера, финансиските одлуки и секојдневниот живот. Може да изберете да не ги искористите можностите што инаку би ги уживале поради вашиот страв од користење броеви или математика. Справувањето со упорен страв од математиката не е само за оценките - туку за чувство на самодоверба и контрола врз вашиот живот. Гледањето на вознемиреноста предизвикана од математиката како поврзаност со стрес, наместо како мана, ни олеснува да ја разбереме со сочувство. Наместо да се прашуваме: „Зошто толку многу луѓе имаат страв од математика?“, важното прашање што треба да се постави е: „Зошто очекуваме луѓето да учат математика без апсолутно никаков страв?“

Извор: psychologytoday.com

Фото: Freepik