Почина модниот креатор Карл Лагерфилд

Почина модниот креатор Карл Лагерфилд

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Почина модната икона Карл Лагерфилд на 85-годишна возраст. На легендарниот германски моден креатор, кој беше креативен директор на „Шанел“, веќе неколку недели му било влошено здравјето.

- Состојбата на неговото здравје предизвикуваше голема загриженост многу недели - велат извори за француските медиуми.

Поради влошената здравствена состојба, Карл пропуштил неколку модни ревии на кои беше очекувано да се појави. Тој бил однесен во болница вчера, а почина денес. Пропуштил две ревии на „Шанел“ во Париз на 22 јануари, но компанијата тогаш изјави дека бил уморен и затоа не се појавил. Ова било првпат да пропушти ревија на „Шанел“.

modna
Фото: Reuters


Карл претседаваше со „Шанел“ повеќе од три децении, успевајќи да создаде по осум колекции годишно.

- Самиот сум како карикатура и тоа ми се допаѓа. Тоа е како маска. За мене, карневалот во Венеција трае цела година - е една од неговите ексцентрични изјави.

Најпознат беше по неговата облека: црн костум, собрана коса, ракавици без прсти и темни очила.

Не е познато кој ќе го наследи, иако се шпекулира дека на чело ќе застане Вирџини Виард, директор на креативното студио на „Шанел“.

Засега не е потврдена причината за смртта.