Оваа европска земја подарува приватни острови, но не на милијардери
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Постојат многу начини човек да биде богат во животот. Може да биде богат со љубов, опкружен со пријатели и семејство. Може да биде богат со време кое ќе го поминува како што сака, медитирајќи во шума, готвејќи дома или одејќи на пливање. А може да биде толку богат што поседува сопствен остров.
Веб-страницата „Визит Свиден“ нуди можност да се искуси нешто од двата света бидејќи туристичката организација подарува пет приватни острови за, како што велат, да ја сподели шведската перспектива за слободата и одговорноста во природата.
- Шведска има повеќе острови од која било друга земја во светот и сакаме да ги поканиме луѓето да уживаат во она што можеби е најавтентичната форма на луксуз: мирот и тишината на природата на сопствен остров - вели Сузен Андерсон, извршна директорка на „Визит Свиден“.
„Вашиот шведски остров“ - или сепак не?
Пред да почнете да планирате да го претворите островот во одморалиште или некој друг профитабилен бизнис, постојат одредени ограничувања.
Иако би бил ваш остров, всушност, нема да станете негов сопственик, ниту ќе можете да го именувате по себе. Наместо тоа, ќе станете официјален старател на островот (со диплома како доказ) со право на користење една година.
Во тој период ќе можете да кампувате, да пливате, да каните пријатели и да поминувате време во природа, под услов да покажете дека му посветувате внимание на локалниот животински свет и животната средина.
Бидејќи Шведска во законот го има вградено правото на јавен пристап до природата, и други луѓе ќе можат да го посетуваат или да поминуваат низ вашиот остров во тој период.
Како да освоите приватен остров?
Во игра се пет приватни острови: Медбодан, Флисан, Сторбергет, Тјувхолмен и Марстен, а наградата вклучува и повратен превоз до Шведска за две лица.
За жал, наградата не вклучува превоз до островите што би можеле да ги добиете на користење, па добитниците треба да бидат подготвени да изнајмат кајак, СУП или брод.
За учество, потребно е да се испрати видео во траење од една минута во кое објаснувате зошто го заслужувате островот. Шансите се зголемуваат ако видеото го споделите на социјални мрежи со хаштаг #YourSwedishIsland.
Видеата можат да се испраќаат до 17 април 2026 година, а жирито ќе ги избере најкреативните и победниците ќе ги објави во мај.
Натпреварот е отворен за сите меѓународни патници постари од 18 години, освен милијардери. Причината е што „Визит Свиден“ сака да го редефинира луксузот како едноставност, тишина и слобода во природата, а не материјално изобилство.
Извор:
n1.info.hr
Фото: Unsplash/Ivan Vashchenko