Дали е откриен идентитетот на Бенкси? Новинари тврдат дека знаат кој е славниот уметник

Дали е откриен идентитетот на Бенкси? Новинари тврдат дека знаат кој е славниот уметник

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Нова истрага повторно отвори едно од најинтригантните прашања во светот на уметноста - кој е Бенкси.

Според обемното истражување на новинарите од новинската агенција „Ројтерс“, идентитетот на најпознатиот уличен уметник во светот конечно е разоткриен. Тие тврдат дека зад псевдонимот се крие Робин Ганингем, 51-годишен маж од Бристол кој, како што наведуваат, подоцна го сменил името во Дејвид Џонс за дополнително да го прикрие својот идентитет.

„Ројтерс“ ги темели овие тврдења на повеќе извори - патување на уметникот во Украина во 2022 година, фотографии објавени од негови поранешни соработници, како и наводна рачно напишана изјава од 2000 година поврзана со апсење во Њујорк. Истражувачите тврдат дека овие докази без никакво сомнение го потврдуваат неговиот идентитет.

Тимот на Бенкси ги оспорува тврдењата

Сепак, правниот тим на Бенкси остро ги оспорува овие наводи. Неговиот адвокат Марк Стивенс изјави дека уметникот не ја прифаќа точноста на многу детали од истрагата, предупредувајќи дека откривањето на идентитетот би ги загрозило неговата приватност, работа и безбедност.

Тој нагласи дека анонимноста не е само личен избор, туку и важен општествен механизам што овозможува слобода на изразување без страв од одмазда или цензура.

Од друга страна, „Ројтерс“ смета дека јавноста има право да знае кој е уметникот што остави силен белег во културата, уметноста и политиката низ светот.

Светска слава и контроверзии


Бенкси стекна светска слава со графити што се појавуваа на ѕидови низ Обединетото Кралство, а подоцна и низ целиот свет, често со изразени политички и сатирични пораки.


Неговото најпознато дело „Девојчето со балон“ се најде во центарот на вниманието во 2018 година, кога сликата на аукција делумно се самоуништи преку механизам скриен во рамката, перформанс што подоцна беше преименуван во „Љубовта е во корпата“.

Уметникот остави трага и во Украина и Западниот Брег во Израел, каде што неговите дела често се толкуваат како политички пораки и израз на солидарност. Неодамнешниот мурал во Лондон, на кој судија со чекан удира демонстрант, некои го толкуваат како коментар за третманот на пропалестинските активисти.


Многу теории за идентитетот

Со години се појавуваат различни теории за тоа кој е Бенкси - од музичарот Роберт дел Наја од групата „Масив Атак“, преку Џејми Хјулит (креатор на бендот „Горилаз“), до телевизискиот водител Нил Бјукенен.

Се споменуваше дури и можноста дека Бенкси не е една личност, туку неколку уметници, па имаше и теорија дека станува збор за жена.

Иако новата истрага дава најконкретни тврдења досега, мистеријата останува. Токму таа енигма, според многумина, е голем дел од привлечноста на уметникот бидејќи откривањето на идентитетот не само што би го разбило митот, туку може да ги загрози слободата и начинот на работа на уметникот кој ја изгради својата кариера врз анонимноста.

Извор: n1.info.hr
Фото: Instagram