Откриен древен речен систем длабоко под површината на Марс
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Научниците открија стар речен систем под површината на Марс. Роверот „Персеверенс“ на НАСА, кој се наоѓа во кратерот Језеро, истражува сув предел кој пред милијарди години бил исполнет со вода.
Но, новото откритие покажува дека под површината постоел уште постар и поголем систем, што укажува дека водата на Марс течела значително подолго отколку што се мислеше. Ова откритие има важни импликации за потрагата по докази за некогашен живот на Црвената Планета.
Подолг период за настанување на животот
Инструментот РИФМАКС на роверот „Персеверенс“ навлегол подлабоко под кратерот и открил огромен систем кој постоел многу пред оној што денес се истражува на површината.
- Ова истражување ги зголемува шансите за пронаоѓање докази за поранешен живот, со оглед на тоа што формирањето на денешната делта можеби било брзо - наведува тимот предводен од геомикробиологот Емили Кардарели од Универзитетот во Калифорнија.
По повеќегодишни истражувања станало јасно дека Марс не бил отсекогаш сува и прашлива пустелија, туку многу докази потврдуваат дека некогаш изобилувал со течна вода.
Клучното прашање е колку долго таа вода се задржала на површината. Колку подолго траел тој период, толку е поголема веројатноста дека можеле да се развијат микроорганизми, најверојатниот облик на живот што можел да постои на Марс.
Скриен пејзаж под површината
Во периодот помеѓу септември 2023 и февруари 2024 година „Персеверенс“ собрал радарски податоци од патека долга околу 6 километри, навлегувајќи на длабочина поголема од 35 метри. Кога истражувачите ги комбинирале податоците, пред нив се појавил скриен предел.
Радарските податоци откриле многу слоеви на карпи длабоко под земјата. Исто така, биле идентификувани и канални структури кои биле формирани под влијание на течна вода.
Повеќе фази на водената историја на Марс
Иако радарот на секоја локација продира само неколку десетици метри, со комбинирање на мерењата по должината на целата патека на роверот научниците успеале да реконструираат многу подебел слој.
Се проценува дека слојот може да биде дебел и до 90 метри, што е резултат на повеќекратни епизоди на таложење, со докази за ерозија меѓу нив. Врз основа на геолошкиот контекст, истражувачите заклучиле дека во регионот постоел функционален делта-систем уште пред околу 4,2 до 3,7 милијарди години.
Сите овие докази укажуваат дека Марс немал вода само во еден краток период, туку поминал низ повеќе фази во кои водата течела и ја обликувала неговата површина.
Извор:
Index.hr
Фото: Science Advances