Стапката на неонатална смртност во Македонија намалена за 87 проценти, соопшти министерот за здравство Азир Алиу

Стапката на неонатална смртност во Македонија намалена за 87 проценти, соопшти министерот за здравство Азир Алиу

Министерот за здравство Азир Алиу на заедничката прес-конференција со претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство, д-р Ирена Алексиоска Папестиев, и шефот на Канцеларијата на СЗО во Македонија, д-р Аким Али, како и претставници на УНИЦЕФ и УНФПА, ги презентира резултатите од најновиот извештај на меѓуагенциската група на Обединетите нации за процена на смртноста кај децата за 2025 година.

- Согласно наодите од извештајот, нашата држава е рангирана меѓу најуспешните земји на глобално ниво во намалување на неонаталната смртност и смртноста кај децата под петгодишна возраст, при што државата е препознаена како пример за успешна имплементација на интегрирани и координирани здравствени политики. Во изминатиот период е евидентиран значителен напредок, при што стапката на неонатална смртност е намалена за 87 проценти, од 8,1 на 1,1 на 1.000 живородени деца, додека стапката на смртност кај деца под пет години е намалена за 75 проценти, од 11,1 на 2,8 на 1.000 живородени деца. Остварените резултати се плод на континуирани системски реформи, зајакната институционална координација и партнерство со релевантните меѓународни организации, како и имплементација на сеопфатни мерки за унапредување на квалитетот на здравствената заштита - истакна министерот Алиу.

Во таа насока, особено значајни се активностите насочени кон зајакнување на итната акушерска и неонатална нега, ревидирање и усогласување на клиничките протоколи, унапредување на практиките за реанимација на новороденчиња и превенција на инфекции, како и подобрување на системот за медицински транспорт. Паралелно, Министерството за здравство доследно го спроведува мастер-планот за перинатална нега 2020–2030, кој обезбедува воспоставување стратифицирана перинатална мрежа, согласно нивото на ризик и овозможува континуирано унапредување на квалитетот на здравствените услуги на сите нивоа на здравствена заштита.