Спектакл на небото во наредните денови
Подготвил:
проф. Ивица Милевски / иГео
Во текот на следните неколку дена, поточно од утре до 25 април, на ноќното небо ќе може да се видат чести метеори кои припаѓаат на метеорскиот рој Лириди. Лиридите името го добиле според квадрантот на небото каде што се појавуваат – соѕвездието Лира во близина на ѕвездата Вега. Причина за овој метеорски рој се остатоците од кометата Татчер (C/1861 G1) која поминала блиску до Земјата и со себе оставила огромен број ситни честички на кои Земјата наидува секоја година во ова време. Мали зрнца од кометата ја бомбардираат Земјината атмосфера со брзина од близу 200.000 км/час, оставајќи светлосни траги на небото, кои се видливи само преку ноќ (преку ден доминира Сончевата светлина). Инаку, самата комета Татчер е долго-периодична, односно орбитира околу Сонцето еднаш на 415 години. Од неа сè уште немаме фотографии бидејќи последен пат се приближила во 1861 година (пред појавата на фотоапаратите), а следниот пат ќе ни се приближи дури во 2276 година.
Оваа година, метеорскиот рој Лириди ќе биде само „просечен“. Астрономите не предвидуваат т.н. метеорски дожд со над 80 метеори на час, како што било забележано во 1922, 1945 или во 1982 година, но сепак ноќното небо може да биде доста интересно. Најголем број метеорски појави се очекуваат ноќта помеѓу 21 и 22 април (сабота спрема недела) и тоа по 10-20 метеори на час. Особено голем број метеори ќе има од 2 до 4 часот наутро. Бидејќи овој метеорски рој е непредвидлив, можно е да се видат и до 50 метеори на час („ѕвезди што паѓаат“). Нешто послаба појава на метеори (околу 5-15 метеори на час) ќе има во ноќите помеѓу петок и сабота (20-21 април) и недела кон понеделник (22-23 април).
Инаку, се очекува условите за набљудување на метеорите да бидат одлични со оглед на тоа што небото ќе биде темно, без Месечина, а во метеоролошки поглед се очекува делумно ведро време, со малку облаци. Најдобар период за набљудување ќе биде в сабота (21 април) по 22 часот. Во тоа време соѕвездието Лира постепено ќе излезе над хоризонтот на североисток, а во исто време може да се види и Сатурн, само во југоисточен правец. За добро набљудување нема потреба од оптички инструменти – доволно е само потемно место, подалеку од урбаните светла, а појавата може и да се фотографира или сними со бавна експозиција.