Владимир Блажевски, режисер: Ми светнаа очите кога Ангелов дојде за споредна улога, испадна идеален за главната

Владимир Блажевски, режисер: Ми светнаа очите кога Ангелов дојде за споредна улога, испадна идеален за главната

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Ќе звучам разгалено – копродукциската работа ми создаде товар. Покреативно ќе се чувствував тонската постпродукција за „Година на мајмунот“ да ја правев дома, со свои луѓе. Ама изгледа тоа денес е неизбежна патека за работа и јас на помладите колеги и студенти, сепак, им советувам да тргнат по неа



фото: Ана Опачиќ

Неговите филмови со нетрпение се очекуваат. Комедијата „Година на мајмунот“, вечерва во 20 часот, во киното „Милениум“ ќе го отвори Скопскиот филмски фестивал. Владимир Блажевски ја врати публиката во киносалите со неговиот претходен филм „Панкот не е мртов“, кој го сними во 2011 година, а не се помали ни очекувањата за новиот. Сега ѝ се враќа на публиката со црната комедија за Цобе, сиромашен чувар во Зоолошка градина, и шимпанзото Коко, кое станува „знаме на непослушноста, на бунтот, на сѐ што обичниот човек во една сиромашна земја не може да биде“. Продуцент на филмот е Дарко Попов, а кинематографер - Димо Попов.
Блажевски го допишува „Година на мајмунот“ како сценарист на импресивната листа од: „Големата вода“, „Хај фај“, „Џипси меџик“, „Булевар на револуцијата“.

Седум години поминаа од премиерата на „Панкот не е мртов“. Свесно направивте толкава пауза до „Година на мајмунот“ или продукциски беше неизводливо поинаку?

- За жал, паузата не е свесно направена. Уште во 2012 година имавме прва верзија на сценариото, но процесот на собирање пари и пронаоѓање копродуценти во денешно време е баш-баш комплициран. Ние веќе во 2013 година добивме поддршка од тогашниот Филмски фонд на Македонија. Следните три години се занимававме со тој комплициран процес што го споменав. Денешниве филмски автори треба да се вооружени со трпение и со јаки нерви, инаку тешко ќе ги зачуваат концентрацијата и креативната форма за справување со игран филм. Тоа е нешто што не се учи на школо, ниту од гледање и анализирање филмови. Мене, лично, воопшто не ми беше едноставно да се навикнам на таа тргни-застани игра. Конечно, летото 2016 година го снимивме филмот и, еве, по повеќе од една година постпродукција, тој ќе излезе на виделина. Во индустриските кинематографии (како американската, да речеме) целиот овој процес е пократок, но во повеќето кинематографии, како што е нашава, работите се многу слични.

Блажевски заедно со своите соработници (фото: Ана Опачиќ)

Oвој пат добивте поголема поддршка и од Агенцијата за филм, а имате и странски копродуценти. Го олесна ли тоа создавањето на филмот и Ве радува ли што повторно имавте соработка со регионот, како некогаш?

- „Панкот не е мртов“ го направивме со тогаш важечка минимална поддршка од Фондот. Со големи напори успеавме да го стокмиме во тие финансиски рамки. Но, потоа некако почнавме да се чувствуваме како „штрајкбрехери“. Тргнаа муабетите од типот „ете, гледате како може успешен филм да се направи за мали пари“. Станавме предавници во еснафот, веќе научен на далеку покомотни буџети. Се разбира, тоа не беше нашата намера. Нашата стратегија беше take it or leave it. Јас претходно повеќе од 20 години не сум имал шанса да снимам игран филм во Македонија. Природно е што ги напрегнав сите свои сили и знаења за да успеам да снимам еден продукциски комплициран филм со многу ограничен буџет. Но, знаев дека тоа не смее да стане модел за работа.
Овој пат тргнавме поамбициозно, со приказна што е навистина поскапа за реализација, колку и да се приспособуваш. Затоа и таа, поголемата поддршка од Агенцијата, не ни стигаше. Влеговме во копродукција со Словенија, Србија, Косово, имавме добиено и официјална поддршка од Грција, но поради една, за нас апсурдна, точка во спогодбата (петпати повеќе да потрошиш таму отколку да добиеш), се откажавме од нив. На крај, во филмот се вклучи и „Евроимаж“. Искрено, не знам колку сето тоа го олесна создавањето на филмот. Ќе кажам сега нешто разгалено - за мене лично, психолошки тоа беше товар. На пример, покреативно ќе се чувствував тонската постпродукција да ја правев тука, дома, со свои луѓе, отколку надвор. И разни други работи. Ама тоа изгледа дека е сега неизбежна патека за работа, јас на помладите колеги и студенти сепак им советувам да тргнат по таа патека.

Игор Ангелов ја игра главната улога. Како го одбравте? Дали се мислевте долго или беше идеален избор од фазата кога го пишувавте сценариото?

- Игор го одбрав неочекувано. Ниеден од актерите со кои бев вистински задоволен и среќен во „Панкот...“ не го гледав како можна варијанта за овој филм. Поинаков стил и тема во новата приказна некако ми го трасираа патот. За главната улога талкав, имав неколку брилијантни глумци пред очи, но ниеден не ми се совпаѓаше целосно со мојата идеална слика за ликот. И тогаш се појави Игор, во кастинг за една споредна улога. Ми светнаа очите, но пречка беше што тој е десетина години помлад од карактерот што го барав. Одолжував некое време, се двоумев. Кога најпосле решив дека приказната не мора да страда со таков помлад протагонист, веднаш го одбрав Игор. Се надевам дека не згрешив.


Игор Ангелов го игра Цобе, вработен во Зоолошката градина

Снимавте на 80 локации, што не е мал залак. Зошто одлучивте така?

- Во „Панкот...“ имавме уште повеќе локации, што воопшто не мора да значи дека јас преферирам брза нарација и динамично движечки филмови. И во двата случаи приказната беше таа што го диктираше темпото. Можеби во следниот филм, доколку се нафатам и успеам да го снимам, сѐ ќе биде бавно и со помалку локации. Инаку, традиционално сметаме дека промената на локации и наративната брзина го движат гледачкото внимание. Секако, доколку не се претера со тоа и не се забега во маниризам.

„Исцелител“, „Три дена во септември“, „Џган“... ова се првите филмови на помладата генерација режисери кои публиката ги прифати широкоградо. Може ли да се каже дека македонската кинематографија влезе во посовремена фаза и подизлезе од историската матрица?

- Се радувам на успесите и зрелоста на младите колеги, мои драги пријатели. Мислам дека тие, за среќа, покажаа дека се еманципирани од претенциозност и патетичност, најчестите маани на македонските филмови. Очекувам уште повеќе такви убави резултати, особено од нашите ФДУ-студенти. Ете, Ѓорче, Вардан и Дарјан покажаа дека знаат што е филм, сега се на ред и другите талентирани млади автори, доколку се продолжи со стратегијата давање шанса на дебитанти.



Сатирична комедија и добар хумор, приказна од секојдневието се покажаа дека ѝ недостига на нашата публика. Што е за Вас добар филм?

- Многу тешко прашање. Јас сакам и филмови што не се комедии и сатири, ниту им е тематиката од секојдневието. Нема рецепт. За жал, и во арт-хаус и во жанровски ориентирани филмови, сѐ повеќе има такви што се токмени според „упатство за употреба“, се разбира, секој во својот фах. Или се во манир на буквално сфатена интегрална нарација и „high concept” (доколку се работи за авторската насока) или забегуваат во спотовски маниризам (кога зборуваме за тие индустриските, жанровски). Сакам да гледам искрени филмови. Може дури и да се здодевни, но доколку препознавам автентична авторска намера во нив, чувствувам задоволство. Најинтересно е кога филмот има и приказна и карактери. Кога те вози, а истовремено гледаш и смисла во него, а не само забава.