Во борбата против коронавирусот секој килограм е важен

Во борбата против коронавирусот секој килограм е важен

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Чешка е на врвот на светската ранг-листа по бројот на смртни случаи од Ковид-19. Според официјалната статистика на чешкото министерство за здравство, од почетокот на пандемијата до средината на март 27.918 лица починале од коронавирус.

Тажната реалност продолжува бидејќи повеќе од сто луѓе умираат секој ден.

- Научниците проценуваат дека реалниот број на жртви е за третина поголем - вели професор Јан Конвалинка, проректор на Универзитетот „Чарлс“ во Прага.

Интересно е тоа што Чешка има релативно висок квалитет на здравствена заштита, што е близу до европскиот просек и има втор највисок животен стандард во посткомунистичките европски земји. Од каде тогаш толку смртни случаи од Ковид-19?

Повеќето експерти и аналитичари во Чешка вината за текот на пандемијата ја припишуваат на популистичката влада предводена од олигархот Андреј Бабиш.

- Во ситуација кога другите земји воведоа заклучување, мерките беа олабавени во Чешка. Тоа се случи по летните одмори, како и пред Божиќ. И владата повторно размислува на тоа - критикува Вацлав Хорејши, имунолог во Чешката академија на науките.

Други причини за големиот број смртни случаи од Ковид-19 се слабата контрола на постојните ограничувања за контрола на пандемијата, недоволно следење на заразените лица, мал број тестирања и, неодамна, ширењето опасни мутации на вирусот.

ковид
Земјите со најголем број смртни случаи од Ковид-19

Шампиони во консумирање алкохол, марихуана и цигари

Научниците веруваат дека целокупниот нездрав начин на живот на многу чешки граѓани придонесува за високата стапка на смртност. Со 200 литри по глава на жител, оваа членка на Европската Унија е на првото место во светот според потрошувачката на пиво. Исто така, Чешка е лидер во консумирање марихуана од страна на младите и се наоѓа на прво место според бројот на пушачи.

На ова треба да се додаде дека во времето на Ковид-19 се покажа дека здравствените последици од прекумерната тежина се повеќе од очигледни. 57 отсто од жените и дури 71 отсто од мажите имаат прекумерна тежина, а според тоа, граѓаните на Чешка повторно се шампиони во Европската Унија. Научните студии, цитирани од „Светската федерација за дебелина“, неколку месеци по почетокот на пандемијата покажаа дека постои јасна врска помеѓу дебелината и ризикот од смрт од инфекција со Ковид-19.

Осум од десет пациенти имаат прекумерна тежина


- Бевме шокирани кога откривме врска помеѓу бројот на дебели возрасни лица во земјата и смртните случаи од Ковид-19 - вели д-р Тим Лобштајн, главен автор на извештајот.

- Врската помеѓу прекумерната тежина и стапката на смртност е јасна и сериозна - вели и Тедрос Аданом Гебреизус, директор на Светската здравствена организација (СЗО).

И лекарите во Чешка го предупредуваат населението за ризик од прекумерна тежина кај заразените со Ковид-19.

- За жал, Чешка го држи рекордот по бројот на дебели луѓе во Европа. 80 отсто од пациентите со Ковид-19 примени во болница се дебели - вели Ладислав Душек, раководител на Националниот институт за здравствени информации и статистика.

- Најтешко погодени се дебелите. Секој барем малку може да ослаби, но, за жал, многумина се здебелија - вели Мартина Васакова, директорка на одделот за бели дробови на универзитетската клиника „Томаер“ во Прага.

- Дебелината генерално го зголемува ризикот од инфекција со коронавирус. Кога ќе се разболи лице со прекумерна тежина, постои многу поголем ризик да заврши на интензивна нега - вели Јозеф Чупка, научник кој се занимава со овој проблем.

Според Чупка, дел од проблемот се и мерките за борба против пандемијата, кои покажале негативен ефект, со оглед на тоа што се забранети спортови во затворени простории, а истовремено е зголемена потрошувачката на алкохол, како и стапката на дебелина. Ограничувањата треба да се олабават во средината на април, што ќе ги зголеми шансите луѓето да ослабат спортувајќи на отворено. Чешките лекари се сигурни во една работа - секој килограм е важен во борбата против коронавирусот.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Screenshot/YouTube