Истражувачи од „Кембриџ“ сакаат одново да ги замрзнат Земјините полови

Истражувачи од „Кембриџ“ сакаат одново да ги замрзнат Земјините полови

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Поранешниот главен научен советник во британската влада, Дејвид Кинг, основа нов центар за истражување на тоа како одново да ја конструираме планетата за да ги спречиме или редуцираме најлошите ефекти од климатските промени.

Некои од решенијата што ќе се истражуваат во истражувачкиот центар во Универзитетот „Кембриџ“ се драстични. На пример, научниците ќе ја истражуваат можноста за ново замрзнување на половите кои се топат, за да се превенира раст на морското ниво.

- Она што ќе го правиме во следните десет години ќе ја одреди иднината на човештвото за следните 10.000 години. Нема поголем центар во светот кој би бил фокусиран на ова големо прашање - истакнува Кинг.

За да го изведат повторното замрзнување на половите, научниците ќе се обидат да генерираат високорефлектирачки облаци над нив преку пумпање морска сол во атмосферата.

Истражувачкиот центар исто така ќе истражува попознати геоинженерски концепти како фаќање јаглероден диоксид.

Овие идеи - замрзнувањето на половите, извлекување јаглероден диоксид од атмосферата - звучат како научна фантастика. Но, нема многу време за преземање нешто околу климатските промени, па можеби вреди да се истражи секое убедливо решение.