Погледнете како еден затвор стана модерен станбен комплекс

Погледнете како еден затвор стана модерен станбен комплекс

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Од 1910 до 2001 година денешниот комплекс „Либерти крест апартментс“ бил познат како Лортонски поправен завод - затвор лоциран во Лортон, Вирџинија, каде што биле сместени затвореници од Вашингтон. Широката јавност го знае како местото каде што биле затворени многу суфражетки по протестите пред Белата куќа во 1917 година.

Имотот се простирал на 941 хектар и вклучувал и фарма. Бил затворен во 2001 година, а следната година округот Ферфакс ја купил локацијата за околу 3,86 милиони евра. Под сопственост на округот, стариот затвор и околниот простор биле пренаменети во парк, терен за голф, три училишта и уметнички центар.

Во 2008 година започнала соработка со компанијата „Александер компани“ од Висконсин, позната по зачувување на историското наследство и адаптивни реконструкции. Целта била комплексот да се претвори во 165 станбени единици.

- Лортонскиот затвор беше идеален за ваква пренамена бидејќи бил изграден во време на реформи. За разлика од другите затвори што се темни, масивни објекти со малку прозорци, овој имаше многу природна светлина и изразен карактер, што добро се вклопи во идејата за домување - изјави Дејвид Вос, проектен менаџер во „Александер компани“.

Комплексот содржи 165 стана, од кои 44 се наменети за лица со ниски приходи. Има 84 еднособни и 81 двособен стан, а месечната кирија се движи од 1.260 до 2.480 евра. Реновирањето траело речиси две години и чинело околу 59 милиони евра.

Становите биле отворени во јуни 2017 година, а според Вос, сите достапни единици биле изнајмени за само неколку месеци. Оттогаш, комплексот секогаш е целосно пополнет.

- Имаше поделени реакции. Многумина сметаа дека е важно да се зачува историјата. Но, имаше и такви што се фокусираа на подоцнежните години кога во затворот имало злоупотреби. Според нас, зачувувањето на историјата е важно за да учиме од минатото и да не ги повторуваме истите грешки - вели Вос.

Од стариот затвор и денес се гледаат натписи кои ги потсетувале затворениците и посетителите како треба да се однесуваат.

- Додека шетате низ комплексот, има многу детали што потсетуваат дека ова некогаш било поправен дом или затвор - додава Вос.

Старата затворска менза денес е заеднички простор за жителите. Дополнителни содржини се јога-студио, сала за вежбање, базен и две детски игралишта. На теренот се наоѓа и спортско поле со оригинална трибина изработена од затвореници, од тули. Денес таа се користи како повеќенаменски простор за жителите. Комплексот содржи и градинка, стоматолошка ординација, ресторани и продавници.

Погледнете како денес изгледа некогашниот затвор.



Извор: 6yka.com
Фото: Youtube/ CNBC Make It