„Мајкрософт“ подготвува целосно нова категорија на мобилни уреди

„Мајкрософт“ подготвува целосно нова категорија на мобилни уреди

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска



На интернет се појавија информации за хардверските планови на „Мајкрософт“ кои ги покажуваат големите амбиции на Сатја Надела. Екипата од „Мајкрософт“ за оваа и за следната година подготвува надградба на постојните уреди Surface, но и целосно нов уред кој би можел да донесе големи промени на пазарот на паметни уреди.


Објект на „Мајкрософт“


Се работи за уред со кодно име „андромеда“, за кој веќе се пишува извесно време – иако деталите сè уште не се познати. Станува збор за преклопен уред со два екрани. „Асус“ на годинешниов саем „Компјутекс“ претстави концептен лаптоп Project Precog кој има два екрани, со тоа што долниот екран може да се користи како виртуелна тастатура, но и за многу други операции.

Во тој правец оди и „андромеда“, но додека Precog со димензиите и јачината е вистински преносен компјутер, „Мајкрософт“ планира „џебен уред што ќе овозможува искуство на персонален компјутер“. Значи, можеме да очекуваме уред со два екрани кој според димензиите би бил сличен на денешните паметни телефони и кој би можел да се користи како телефон, но и како лаптоп со виртуелна тастатура.

Опциите на ваквиот уред се многубројни и нема да зависат само од „Мајкрософт“, туку и од програмерите кои ќе можат да ги користат двата екрани за развивање интересни апликации. Ако се покаже како успешен и популарен уред кај корисниците, „андромеда“ би можел да покрене целосно нова категорија уреди, на која во моментов работат и други компании. Она што е особено интересно во врска со овој уред е дека, доколку шпекулациите се вистинити, „Мајкрософт“ планира да го претстави во јавност веќе оваа година.

Освен „андромеда“, Надела планира и уште два нови Surface-модели: едниот е Surface pro 6 од кого се очекува посилен хардвер и веројатно ќе биде претставен идната година, и поевтиниот Surface tablet. Помалиот Surface кој се развива под кодно име „Либра“ и кој би требало да му конкурира на „Епл“ и на неговите таблети на пазарот, „Мајкрософт“ би можел да го претстави до крајот на 2018 година.