Помалку познати филмови што ова лето не смеете да ги пропуштите

Помалку познати филмови што ова лето не смеете да ги пропуштите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Блокбастерите привлекуваат голем број луѓе во кината и затоа филмовите заработуваат богатство. Но вистинските обожаватели на филмот попрво би гледале авторски филм што не е толку медиумски експониран, па затоа веб-страницата „Ротен Томејтос“ издвои 11 наслови кои иако не се рекламирани, дефинитивно треба да ги погледнете.

„Won't you be my neighbor?“ (99%)



Емотивен документарец за животот и кариерата на Фред Роџерс, водител на највлијателните детски емисии.

Критичарите велат: „Кога филмот заврши, немаше личност што не заплака“.

„Hereditary“ (93%)




Иако ќе се појави во многу кина и веројатно ќе стане хорор-хит, вреди да се спомене дека ова е еден од хорорите што не смеат да се пропуштат. Филмот што ја воодушеви публиката на фестивалот Санденс ја следи приказната на една мајка чие семејство го уништуваат трагедијата и теророт со невидлива сила.

Критичарите велат: „Длабоко вознемирувачки филм што ќе ве привлече со фактот дека е втемелен на реални човечки емоции како што се тагата и презирот за на крај да се претвори во кошмар“.

„Hearts beat loud“ (92%)




Комедија за син и ќерка што формираат заеднички бенд кој станува популарен и тоа создава проблеми во нивниот однос.

Критичарите велат: „Музиката е она што ги поврзува ќерката и таткото во филмот, што одбива да стане сентиментален, благодарение на интелигенцијата и духовитоста на Ник Оферман.

„First Reformed“ (98%)




Приказна за проблематичен свештеник кој има криза во врска со верата, но ја препознава можноста за искупување откако што ќе одлучи да ѝ помогне на млада бремена жена која ќе му се обрати за совет.

Критичарите велат: „Ова е неверојатна анализа на верата, филм што останува со вас долго време по гледањето“.

„RBG“ (94%)

Уште еден документарец за влијателна личност. Овој пат станува збор за Рут Бејдер Гинсбург, судија од Врховниот суд кој воедно е и голем борец за рамноправност на половите и човечките права.



Критичарите велат: „Од кино излегов информирана, инспирирана и подготвена да започнам да одам на спиење во нормално време“.

„Upragde“ (86%)




Се покажа дека најдобрите жанровски филмови доаѓаат од независна продукција, а тоа е случајот и со овој научнофантастичен трилер што го следи механичарот кој после несреќа останува парализиран и станува играчка на научник што го испраќа во одмаздничка мисија.

Критичарите велат: „Ова е неодоливо крвава научнофантастична драма. Евтин Б-филм што е направен онака како што треба.

„American Animals“ (85%)




Приказна за привилегирани студенти кои еден ден одлучуваат да го ограбат факултетот и да украдат непроценливи книги и уметнички дела.

Критичарите велат: „Крими-филм што ќе ве натера да го изгледате докрај“.

„Eighth Grade“ (100%)




Уште една приказна за растењето. Многу критичари го споредуваат со минатогодишниот „Lady Bird“.

Критичарите велат: „Квалитетен филм што нуди многу за гледачите од сите возрасти“.

„Leave no trace“ (100%)




Тешка драма за ветеран од војната кој живее во шумите на Орегон со неговата 13-годишна ќерка, до моментот кога ќе биде откриен од социјалните служби.

Критичарите велат: „Деликатно режирана драма што ќе ве натера да ја изгледате докрај“.

„Sorry to bother you“ (92%)



Приказна за човек кој еден ден ќе сфати дека најбрзиот начин да се пробие во корпоративниот свет е да развие глас на „белец“.

Критичарите велат: „Сите недостатоци што ги има поради нефокусираноста, ги надоместува со безобразната апсурдност“.

„Damsel“ (80%)




Оваа необична вестерн-комедија се врти околу пар кој има намера да стапи во брак, но плановите им ги уништува киднапирањето, после кое започнува неверојатна авантура.

Критичарите велат: „Ќе ви биде потребно време да се навикнете на стилот на браќата Зелнер, но откако ќе се навикнете, филмот едноставно ќе процвета“.