По 30 години, сламените ангелски крилја на Глигор Стефанов во МСУ

По 30 години, сламените ангелски крилја на Глигор Стефанов во МСУ

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Изложбата е предвесник на уште поголем јубилеј – 40. издание на манифестацијата „Скопско лето“, која традиционално ќе биде отворена на првиот ден од летото, 21 јуни

По три децении скулпторот Глигор Стефанов се враќа во Скопје со ретроспективна изложба „Грабење во просторот“ која вечерва во 21 часот ќе биде отворена во Музеjот на современата уметност. Изложбата е предвесник на уште поголем јубилеј – 40. издание на манифестацијата „Скопско лето“, која традиционално ќе биде отворена на првиот ден од летото, 21 јуни.

Стефанов се враќа на македонската ликовна сцена по 30 години. Последна изложба во МСУ имал во 1986 година. Овој пат пред нашата публика се претставува со комплексна поставка од три дела.

Глигор Стефанов

- Има една голема инсталација, долга стотина метри која ги отсликува сите циклуси што сум ги работел во последните четири години. Колку е ретроспективна, толку изложбата има и нови работи – вели Стефанов.

Многумина велат дека тој е еден најзначајните македонски уметници, чиј алтернативен однос кон скулптурата остави белези врз нашата ликовна сцена во последните четириесетина години. Неговата главна преокупација е да се поврзе со обичната страна на предметната реалност што тогаш, но и сега ја добива актуелната смисла на прифаќање на делата како целина. Стефанов е роден во 1956 година во Кавадарци. Дипломирал (1981) и магистрирал (1985) на Академијата за ликовни уметности во Белград, на отсекот вајарство. Од 1988 година живее и работи во Лондон, а во 1995 се преселил во Виндзор, Канада. Заедно со Петре Николовски, тој е првиот уметник кој ја претсавил самостојна Македонија на престижното Венециско биенале за ликовна уметност.

Дело од Глигор Стефанов

„Скопско лето“ ќе биде отворено задутре во 21.30 часот со гала оперски концерт на Националната опера и балет по диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ на плоштадот „Мајка Тереза“. Најголемиот летен фестивал ќе се одржува до 31 јули на повеќе локации. Традиционално, го организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, а и годинава е поддржан од Град Скопје и од Министерството за култура.

Директорот на ДКУ, Никола Глигоров најави многу концерти, ликовни изложби, претстави, мултимедијални проекти, филмска програма, традиционалното кафе-кино, програма и за најмладите. Затворањето е предвидено со концерт на ансамблот „Танец“, кој одбележува 70 години од своето постоење.