Трансхуманистите што сакаат да живеат вечно

Трансхуманистите што сакаат да живеат вечно

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

- Колку години имате? - сакаше да знае Џејмс Клемент.

Наполнив 50 оваа година. Забележав дека постои разлика во крцкањето на моите коски, мојата кожа не се враќа на ист начин како порано. Здебелена е - воопшто не можеш да ме скокоткаш. Моите непца се повлекуваат кон вилицата. Овие промени се постепени или необјасниво ненадејни, како денот кога веќе не можев да ги видам напишаните зборови што ја опишуваа мојата професија. Презбиопија, ми рече офталмологот. Сосема нормално. Средовечен си.

Но за Клемент, мојата возраст е одлична вест.

- Ќе живееш засекогаш. Мислам дека секој под 50 години што нема генетичка пречка, ќе живее вечно.

1
Фото: Ivan Kashinsky

63-годишниот Клемент ги поминува деновите голтајќи витамини и обидувајќи се да открие како да направи луѓето да живеат подолго, вклучувајќи се себеси и своите родители, па дури и мене. Неговата компанија, „Бетр хјуманс“, тој ја нарекува првата трансхуманистичка истражувачка организација во светот. Преку средства од богати стари лица, тој самостојно истражува лекови што го продолжуваат здравиот животен век на глодачите. Користејќи калкулатор, пресметува која може да биде соодветната  доза за човек, а потоа наоѓа луѓе на кои ја тестира.

Ако смета дека резултатите изгледаат безбедни и ветуваат, тој ќе им ги препорача третманите на своите родители, кои се во нивните 90-ти години, како и на неговите финансиски поддржувачи.

На шанкот гледам шишенца со апчиња. - Ова се твоите витамини што ги пиеш? - го прашав, посочувајќи кон шишенцата.

- Не, овие се - рече тој отворајќи го шкафчето со четири полици со уредно организирани кутии. Друго шкафче има за ноќните апчиња.

Трансхуманизмот е верување дека технологијата ќе ја подобри состојбата на човекот. Постојат уметници што сакаат да сликаат во виртуелни светови, самоуки биохакери кои се подготвени да стават електронски чипови во телата. Сите овие ги соединува надежта за долговечност.

Кој не би сакал да стигне до 110 години, ако не и 500? За разлика од обичните футуристи, овие продолжувачи на животот се подготвени да експериментираат сами на себе и на други користејќи витамини и препишани лекови за рак.

Во последно време идејата да се живее подолго изгледа пореална. Бидејќи биолозите ги откриваат фундаменталните факти во животот, голем број академци тврдат дека знаат што се молекуларните „обележја“ на стареењето. На нивните лабораториски животни тие редовно можат да им го зголемуваат животниот век за 20 до 30 отсто, а понекогаш и повеќе.

Со оглед на овие индиции, Клемент го проширува својот медицински шкаф со апчиња. Досега тој има финансирано и надгледувано четири мали истражувања, кај волонтери, со третмани што го продолжуваат здравиот живот на глодачите. Неговата цел е да направи што е можно повеќе мали испитувања за да генерира и објавува основни информации за безбедноста и можните придобивки. Така, луѓето што се заинтересирани за продолжување на животот можат да одлучат дали да ризикуваат.

Исплатата? Издржете додека научниците конечно не ја излекуваат смртта. Реј Курцвеил, директор за истражувања во „Гугл“, им вели на луѓето да носат појаси, да избегнуваат екстремни спортови и да вежбаат - со други зборови, да се обидат да останат живи до моментот кога науката ќе го продолжи животот со иновации што додаваат години побрзо отколку што тие минуваат.

Клемент смета дека неговата работа еден ден ќе биде прифатлива за секого, а не само за богатите. Во случај да не функционираат лековите за долг животен век, трансхуманистите како Клемент имаат резервен план - компанијата за замрзнување на мозокот „Алкор“, за да го зачува мозокот за реанимација во далечна иднина. Освен компанијата, зад трансхуманизмот стои и цела религија. Мотото на една црква во Холивуд, Флорида, е: „Стареењето и смртта можат да бидат по избор“. Станува збор за трансхуманистичка религија.

Клемент вели дека не ја посетува црквата бидејќи другите говорници не се научно ригорозни како што би сакал. Но, основачот на црквата, Вилијам Фалун, е еден од неговите најголеми поддржувачи; неодамна му дал 200.000 долари за проучување на срцеви заболувања. Тој ги слуша советите на Клемент и ги споделува во неговата црква.

- Клемент е веројатно најефикасниот клинички истражувач - вели Фалун.

Се разбира, никој не може да каже дали третманите навистина ќе ви го продолжат животот. Тоа останува прашање на верба.