За 15 години Арктичкиот Океан може да нема мраз во текот на летото

За 15 години Арктичкиот Океан може да нема мраз во текот на летото

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

За 15 години Арктичкиот Океан може да нема мраз во одреден дел од годината, открива ново истражување објавено во списанието „Нејчр клајмат чејнџ“. Поради исчезнувањето на мразот во морето, Арктикот може да се соочи со период без мраз секоја година, почнувајќи од 2035 година.

- Ова е голем проблем за арктичките заедници и климатските научници - се вели во истражувањето.

Станува збор за една од најагресивните временски рамки за постигнување на овој праг. Доколку е точна, ќе биде директен знак дека луѓето ја затоплуваат климата на Земјата со уште подраматично темпо од очекуваното.

Ова е важно и за останатиот дел од светот бидејќи, како што велат научниците, она што се случува на Арктикот не останува на Арктикот. Исто како фрижидер, ледената покривка на Арктикот е клучна во регулирањето на климата на Земјата - влијае не само врз регионалната клима, туку и врз временските модели и океанските циркулации на глобално ниво. Како што се топи мразот, темпото на затоплување се зголемува и се уништува рамнотежата на климатскиот систем.

Мразот во морето се менува секоја година, зголемувајќи се во текот на зимата на северната хемисфера и достигнувајќи максимум во март, а се намалува во текот на летото, достигнувајќи минимум во септември. Мразот не исчезнува целосно во кое било време во текот на годината. Но, од 1980 година Арктикот постојано и драматично го губи морскиот мраз, при што покриеноста се намали за 40 отсто за само 40 години.

За тоа колку е влијателна ледената покривка во контролирањето на климата, земете го предвид фактот дека Арктикот се затоплува за трипати повеќе од стапката на глобалниот просек. Мразот дејствува како огледало, рефлектирајќи ја сончевата светлина и одржувајќи го ладењето на Арктикот. Но, помалку мраз значи дека сонцето повеќе се апсорбира од страна на потемниот океан, забрзувајќи го темпото на регионалното затоплување.

okean
Фото: Screenshot/YouTube

За да дојде до заклучокот дека Арктикот ќе нема воопшто мраз, истражувачкиот тим ја споредил тековната клима на Арктикот со климата на последниот меѓуглацијален период што се случил пред околу 125.000 години. Податоците од тоа време откриваат дека температурите на Арктикот во текот на последниот меѓуглацијален период биле барем неколку степени повисоки од денес, а нивото на морето било од 6 до 9 метри повисоко од денес. Ова знаење им овозможило на научниците да ја мерат очекуваната идна клима и да го искористат изминатиот период како аналог за нашата идна клима.

Досега компјутерските модели не биле во можност да ги симулираат највисоките температури за време на последниот меѓуглацијален период. Тимот поставил хипотеза дека неможноста за реплика на покаченото затоплување кај моделите веројатно се должи на неможноста темелно да се фатат промените во морскиот мраз.

Но, со неодамнешните подобрувања во некои глобални климатски модели тимот успеал да го направи тоа со помош на најновата генерација на климатски модел.

Резултатите покажуваат дека овој модел симулира поточна последна меѓуглацијална арктичка клима од претходните, вклучувајќи ги и покачените температури. Моделот симулира целосна загуба на морскиот мраз на Арктикот во текот на летото во тоа време, пред 125.000 години. Штом исчезнел мразот во август и септември во симулациите на моделот, тој не се враќал во текот на наредните години.

Тимот смета дека подобрената способност на моделот за симулирање на климата на Арктикот е поради можноста за копирање на истопените езерца на морскиот мраз. Колку е поголем бројот на ваквите езерца, толку потемна станува површината на мразот и повеќе топлина се апсорбира. Тоа го забрзува затоплувањето на Арктикот и топењето на морскиот мраз.

Извор: Cbsnews.com