Осудените за злоупотреба на животни нема да имаат старателство над своите деца во Каталонија

Осудените за злоупотреба на животни нема да имаат старателство над своите деца во Каталонија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Лицата осудени за злоупотреба на животни нема да имаат старателство над своите малолетни деца во случај на развод.

Министерството за правда ја заврши модификацијата на Граѓанскиот законик на Каталонија која предвидува оние што ги злоупотребуваат животните да останат без старателство над своите деца во случај на развод.

Судијата нема да може да му додели старателство над малолетните деца на родителот против кого е изречена пресуда за кривични дела против животните.

Лурдес Суиро, министер за правда на Каталонија, истакна дека оној што малтретира животни е кандидат за малтретирање.

- Насилна личност малтретира животни, малтретира жени и малтретира деца - изјави тој.

Суиро објасни дека со оваа реформа Владата сака да им даде алатка на судиите кога ќе донесуваат одлуки и елементи на адвокатите за да можат да ги наведат овие факти во регулаторните договори и тужби.

- Ако тоа лице малтретирало животни, тоа може да има влијание врз животот на неговите деца - изјави министерот за правда.

Според сегашниот граѓански законик на Каталонија, животните мора да се сметаат за живи суштества со физичка и психичка чувствителност и тие имаат правен статус и се предмет на посебна заштита.

Старателство над миленичето за оној што ќе има најсилна врска со него

Имајќи предвид дека голем дел од споровите за сопственоста на миленичињата се јавуваат кога паровите се разделуваат, првпат се поставуваат критериуми за решавање на овие конфликти.

Се предвидува дека животното придружник нема да го добие директно оној што го поседува, туку тој што има поблиска емотивна врска со него. Одлуката ќе биде донесена имајќи ја предвид благосостојбата на животното. Во договорот, судијата не само што ќе утврди кој ќе остане со миленичето туку и како ќе се дели заедничкото време и кој ќе биде задолжен за нега, како и алиментацијата и медицинските трошоци.

Извор: Ccma.cat
Насловна фотографија: Freepik