Како живеат телохранителите на Путин и кои се нивните работни обврски?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Телохранителите на рускиот претседател Владимир Путин не се само негово лично обезбедување, туку и луѓе кои ги подготвуваат неговите патувања, ја надгледуваат храната и ги чистат просториите во кои престојува.
Идентификувани се повеќе од 30 најблиски членови на неговото обезбедување - сите се дел од Претседателската служба за безбедност (СБП), речиси независна единица на Федералната служба за заштита (ФСО).
Просечната возраст им е 36 години, сите се високи, а многумина доаѓаат од помали градови во московската област. Во служба најчесто влегуваат по завршување на Академијата на ФСО во Орел.
Пред ангажманот минуваат интервју, полиграфско тестирање и разговор со психолог. Во 2018 година платата изнесувала околу 80.000 рубљи (околу 850 евра), а денес достигнува од 180.000 до 226.000 (1.900 до 2.400 евра).
Телохранителите го следат Путин на сите патувања - најчесто во Сочи и Симферопол, како и во резиденцијата во Валдаи. Групата е поделена: едни се движат со претседателот, други пристигнуваат порано за да ја обезбедат локацијата. При посета на странство, бројот на обезбедувачи може да достигне и до 100.
Готвачите и келнерите кои работат за Путин, исто така се дел од ФСО
Поранешниот офицер на ФСО, Никита Беленкиј, ја опиша посетата на Белград во 2019 година, кога српскиот претседател Александар Вучиќ го однесе Путин во храмот „Свети Сава“. Тогаш, според него, морале да се пробиваат низ маса луѓе и дури да туркаат локално свештенство за да го заштитат претседателот, што ФСО го смета за сериозен безбедносен пропуст.
Готвачите и келнерите што работат за Путин се исто така дел од ФСО - воени лица со обука за оружје и тактика. Храната се проверува во мобилни лаборатории и со експресни тестови од отрови до вишок жива. Секое јадење прво го пробуваат членовите на обезбедувањето.
Путин не јаде брза храна, навечер избегнува месо, а омилени јадења му се предјадење од модар патлиџан, салата „Оливие“ и џигер од дивеч. Пие пијалаци од шипка и ѓумбир, а алкохол речиси никогаш.
Се собираат и примероци од Путин
Освен стандардна опрема, телохранителите секогаш носат и специјални актовки. Секоја има вграден непробоен штит што може да се отвори и користи за заштита во случај на пукање.
Една од најнеобичните е таканаречената „Торба за измет“, наменета за собирање на измет и урина на Путин, кои потоа се враќаат во Москва.
Оваа пракса првпат била забележана во 2017 година за време на државната посета на Франција. Се смета дека рускиот претседател, поради шпекулации за неговото здравје, не сака странски лекари или разузнавачки служби да дојдат до биолошки примероци кои би можеле да откријат чувствителни информации.
Нуклеарната актовка „Чегет“
Путин често ја носи и својата позната нуклеарна актовка „Чегет“. Првично развиена во 80-тите за КГБ, постарите верзии наводно содржеле и експлозивен полнеж со јачина од една килотон доволно за да уништи сè во радиус од 800 метри.
Денешната верзија функционира како комуникациски уред за пренос на наредби за започнување нуклеарен напад. Со едно притискање на копче, генералштабот во Москва го прима сигналот и може да активира нуклеарен одговор.
Шанси за напредок
Телохранителите на Путин се избираат според исклучителни критериуми - од оперативна психологија, преку врвна физичка кондиција и ментална издржливост, до способност за дејствување во екстремни временски услови. Вооружени се со пиштоли „СР-1 вектор“, кои истрелуваат куршуми што можат да пробијат панцир.
Службата во СБП отвора врати за висока кариера. Пример е Алексеј Ѓумин, телохранител на Путин од 1999 година, кој стана гувернер на Тулската област во 2016, а во 2024 година помошник на претседателот и секретар на Државниот совет. Некои сметаат дека тоа е тест за можно наследничко место, додека други дека е почесна пензија.
Меѓу познатите поранешни членови на СБП се и Виктор Золотов, сега на чело на Росгвардија, Дмитриј Миронов, Сергеј Морозов и Евгениј Зиничев, поранешни гувернери на руски области, како и Александар Колпаков и Валериј Пикалев, кои зазеле високи државни функции.
Телохранителите на Путин ретко зборуваат јавно, а снимка од филмот „Нашата служба“ од 2021 година го открива нивното секојдневие - од строгите правила на однесување до подготвеноста да му обезбедат максимална безбедност на претседателот во секоја ситуација, дури и на другата страна од светот.
Извор:
6yka.com
Фото:
Instagram