Како е да се работи во „Нетфликс“?

Како е да се работи во „Нетфликс“?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Нетфликс“ е компанија која е позната по единствената култура, во чии рамки не се толерираат ниту слаби работници ниту, пак, „брилијантни тапчовци“.

Компанијата неодамна им даде можност на корисниците да постават прашања за културата и филозофијата на компанијата на „Линкдин“, а одговорите во голема мера беа слични со познатата презентација што извршниот директор Рид Хејстингс ја објави во 2009 година за да ја сумира менаџментската филозофија на „Нетфликс“.

Иако компанијата е значително изменета оттогаш, „Нетфликс“ ја одржа посветеноста на својата култура. Ова значи дека работата во „Нетфликс“ не е како работење на друго место, а тоа важи и за влегувањето во оваа компанија.

Ова се неколку клучни изјави и цитати што ги отсликуваат процесот на вработување и културата во компанијата.

Интервјуто

„Околу 50 отсто од интервјуто е осигурување дека вашата личност е компатибилна со културата на нашата компанија. Другото е осигурување дека сте технички способни... Ме интервјуираа осум часа. Во тоа време изгледаше лесно, но сега сфаќам дека со многу прашања проверувале дали мојата личност одговара за компанијата“.

Културната погодност - голем дел од причините за вработувањето

„Ќе зборувате со околу осум лица, некои се од човечки ресурси, некои се од повисоки нивоа, некои се од тимот за кој аплицирате. Ако само на едно лице не му се допаднете, не е веројатно дека ќе ве ангажираат. На крајот, одлуката ја носи тимот кој ве вработува, но многу ретко отфрлаат и едно единствено 'не'“.

Има листа со квалитети што се очекуваат од еден вработен


„Треба да имате релевантно искуство за работното место и кога лично ве интервјуираат, да демонстрирате квалитети кои ги покажуваат вредностите на „Нетфликс“. Дали сте храбри? Дали сте скромни? Дали сте љубопитни и страсни и поставувате промислени прашања за бизнисот? Дали сте одлучни, дали имате храброст и волја да ги засукате ракавите без оглед на вашата титула? Дали сте тимски играч? Дали сте инклузивни и самосвесни? Ова се работи што се бараат“.

Никому не му е гајле каде сте учеле

„Јас го напуштив факултетот. Не сум слушнал ниедно лице да дискутира за образованието или за дипломите. Кога работите со луѓе што имаат 5, 10 или повеќе години искуство, образованието не е важно веќе. Сè се врти околу тоа кои проблеми можете да ги решите со своето знаење“.

Има независност со одговорност

„На секое друго место каде што сум работел имало многу строга хиерархија и секој работи по наредбите одгоре. До некоја мера тоа е така и во „Нетфликс“, но наредбите се помалку наредби, а повеќе контекст за тоа каква е големата слика и што се случува со бројките. И се очекува секој да учествува на свој начин. Можете некому да му дадете проблем и тој да го реши без да се навраќа и да ве прашува за точната процедура“.

„Најдобриот“ и „најлошиот“ дел од работата се исти

„Најдоброто нешто е слободата да правите што мислите дека е неопходно за бизнисот да оди напред. Најлошото е што никој нема да ти каже како да го трошиш времето или што точно треба да работиш (надвор од поставувањето поголеми цели за твојата улога). Одредувањето кои проекти навистина ќе имаат влијание зависи од тебе и некогаш тоа е навистина тешко“.