Португалски перформанс во кој одекнува имигрантската судбина вечерва на МОТ

Португалски перформанс во кој одекнува имигрантската судбина вечерва на МОТ

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во целиот перформанс одекнува сегашноста, со сѐ што ќе носи Брегзит. Мислам дека и претставата е таква – предизвикува и побудува силни, понекогаш силни и прекрасни работи во животот и луѓето, вели Мартинс

Перформансот „Привремени фигури“ во режија на Марко Мартинс на португалскиот „Арена ансамбл“ ќе биде изведен вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар. Претставата е резултат на проект кој режисерот го работел две години во соработка со португалската имигрантска заедница од градот Грејт Јармут. Мартинс ни носи приказна базирана на индивидуални сведоштва на луѓето, кои лично го искусуваат периодот на несигурност и приспособување. Претставата е на португалски јазик со превод на македонски.



Поразговаравме за актуелноста на темата што ни ја носи на фестивалот Млад отворен театар.
- Оваа претстава е резултат на процес на истражување, контакти, работа и креација, кој траеше две години, со луѓето што играат во перформансот и другите - луѓето од Грејт Јармут, специфично крајбрежно гратче во Англија кое некогаш било дестинација за одмор и каде што живеела голема заедница на мигранти, работејќи во големи фабрики за производство на храна. Ви треба време за да ги запознаете луѓето и местата. Понекогаш е тешко, но секако е деликатно и бара труд. И возбудливо е, исто така - вели португалскиот режисер.


Марко Мартинс, режисер на претставата

Билингвалниот перформанс досега бил изведуван со кастинг од различни националности, но сите се од Јармут, каде што имигрантите живеат во тешки услови.
- Исто така, во целиот перформанс одекнува сегашноста, со сѐ што ќе носи Брегзит. Мислам дека и претставата е таква - предизвикува и побудува силни, понекогаш силни и прекрасни работи во животот и луѓето - вели Мартинс.



Тој го пофали фестивалот Млад отворен театар, посочувајќи дека го радува што е преполно со млади таленти и енергија.
- Ми беше задоволство да ја гледам и да бидам дел од атмосферата на МОТ. Според интересот на публиката, се гледа дека се работи добро. Фестивалите се на некој начин повик за играње на играта што ја поттикнува уметноста и преку селектирана програма даваат можност да се поврзете и да имате придобивки од различни перспективи на креирање и играње на таа игра, нели?