МОН чека да се усвојат измени на Законот за да го објави повикот за студентски оброк

МОН чека да се усвојат измени на Законот за да го објави повикот за студентски оброк

Додека студентите чекаат исплата на средствата за студентски оброк, од Министерството за образование и наука чекаат усвојување на Законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк.

Од МОН за Факултети.мк велат дека нема да има промени во концептот на мерката.

- Измените на Законот за субвенциониран студентски оброк не предвидуваат промени во концептот на оваа мерка, туку само треба да овозможат продолжување на користењето на истата на над 30 илјади студенти и во новата академска година. Јавниот повик ќе биде објавен веднаш по усвојување на измените и нивно стапување во сила, за што студентите навремено ќе бидат известени - велат од МОН.

Временската рамка за изготвување на предлог-законот беше од 30 август до 11 септември.

- Со оглед дека по измените и дополнувањата на овој закон од 2021 година успешно се врши исплата на средства за субвенциониран студентски оброк на околу 31.000 студенти, потребно е важноста на овие законски решенија да се продолжи за уште една академска година, и тоа за 2022/2023 академска година. Токму ова се и причините за донесување на Законот за изменување на Законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк - стои во известувањето за почеток на процесот за подготовка на законот.