Дали по вежбањето сте полни со енергија или целосно исцрпени? Еве во што е разликата

Дали по вежбањето сте полни со енергија или целосно исцрпени? Еве во што е разликата

Кога ќе завршите со тренингот, можеби ќе се чувствувате поинаку од она што сте си го замислиле. Понекогаш сте разговорливи и полни со позитивна енергија, подготвени да споделите импресии од трчањето или за тоа колку добро сте го одработиле тренингот за сила. А понекогаш сте подготвени за дремка и толку изморени, што ви се чини дека воопшто нема да можете да се поместите од каучот.

Она што го правите за време на тренингот влијае врз тоа како ќе се чувствувате, но постојат и други фактори што имаат голема улога во тоа дали по вежбањето ќе бидете полни со енергија или исцрпени.

Зошто сте уморни по тренингот


- Вашата моментална состојба - колку сте одморени, кога последен пат сте вежбале, колку енергија имате, кога последен пат сте јаделе и како вашето тело реагира на тој оброк, хидратацијата, температурата, нивото на стрес, претходната толеранција на вежбање, менталниот склоп - сето тоа влијае врз тоа како вашето тело ќе реагира на следниот физички напор - објаснува Кејт Берд, физиолог за вежбање, тренерка и координаторка во Болницата за специјална хирургија во Њујорк.

Со други зборови, колку што сте подготвени и одморени за вежбање, толку енергија можете да вложите. Ако интензитетот на тренингот одговара на вашата подготвеност, најверојатно ќе се чувствувате одлично. Ако интензитетот е поголем од вашата подготвеност, ве чека каучот.

- Времето од денот, времетраењето, интензитетот, енергетските потреби – одредуваат колку работа мора да завршите - вели Берд.

Поспаноста, за разлика од физичкиот замор, произлегува од поврзаноста меѓу мозокот и телото – таа е начин на кој телото му пренесува порака на мозокот дека е исцрпено, што влијае врз вашата целокупна состојба, пишува „ЗиСким“.

Ако сте исцрпени по тренингот, можно е врз тоа да влијаат дополнителни фактори – можеби сте дехидрирани, не спиете доволно или сте ја потрошиле енергијата и не внесувате доволно квалитетна храна која би ја поддржала вашата физичка активност.

Како да избегнете исцрпеност

Добрата вест е дека ако знаете дека подготовката и закрепнувањето влијаат врз тоа како се чувствувате по тренингот, можете однапред да ги испланирате деновите во кои ќе се чувствувате енергично и силно.

- Тука доаѓа до израз неделното, месечното, па дури и годишното планирање на тренингот. Начинот на кој управувате со својата состојба и со вкупното оптоварување за време на секој тренинг влијае врз тоа како ќе се чувствувате по него - вели Берд.

Брзи совети за закрепнување и енергија:


Дали е нормално да се чувствувате уморни по тренингот? Да, заморот е честа појава, но може да се ублажи. Погрижете се за хидратацијата и квалитетен сон за да се чувствувате поодморени.

- Изедете урамнотежен оброк со протеини, овошје, зеленчук и јаглехидрати.
- Два часа пред тренингот изедете лесна ужина со протеини.
- Пијте доволно вода: 10–12 чаши дневно и 200–300 ml на секои 10–20 минути за време на тренингот.
- Не заборавајте на загревањето пред и истегнувањето по тренингот.

Што е синдром на замор по вежбање?


Тоа е хронична исцрпеност по тренингот која може да биде последица на интензивен напор или на здравствени проблеми. Симптомите се:

-мачнина и повраќање
-главоболка
-болка и вкочанетост во мускулите и зглобовите
-вртоглавица
-забрзана работа на срцето
-чувство на недостиг на воздух

Треба ли малку да дремнете по тренингот?


Сонот помага за закрепнување на мускулите. Најдобра должина за дремка е 15–30 минути или 90 минути – во двата случаи ќе се разбудите посвежи и поодморени.

Извор: miss7zdrava
Фото: magnific