Зошто проѕевањето е заразно?

Зошто проѕевањето е заразно?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

На фотографијата е прикажан макаки мајмун како се проѕева. Погледнете го уште еднаш. Тој е изморен и толку му се приспало, што додека очните капаци сами му се склопиле од тежина, со лесен потег ја ставил дланката на уста и зел воздух, а потоа го испуштил гласно. А вие сега што правите? Да не се проѕевате?

Верувале или не, научниците не знаат зошто проѕевањето е заразно. Успеале да го пронајдат Хигсовиот бозон, сфатиле што се случува кога се патува со брзината на светлината, дури и успеваат да исечат одреден ген од ДНА и да пресметаат како космичката сонда да слета на комета. Но, немаат одговор на сосема едноставното прашање: како е можно човек да е сосема наспан и одморен, но во моментот кога ќе види како некој друг се проѕева, одеднаш снемува енергија, се опушта, зема воздух длабоко и ширум ја отвора устата?

Проѕевањето е рефлекс. Луѓето се проѕеваат кога се уморни, поспани, кога им е досадно или кога ќе видат или ќе слушнат некој друг како се проѕева. Но, и размислувањето за проѕевањето често предизвикува проѕевање.

Се чини и дека заразноста на проѕевањето е совршено прашање за истражувачите - не само што е интересно и забавно, туку истражувачите и не мора никого да лансираат во вселената, не мора да сецираат животни или луѓе, а не им е потребен ни тунел под земјата.

За време на проѕевањето се контрахира еден мускул во средното уво наречен tensor tympani и поради тоа ни се чини дека бучавата од проѕевањето што ја слушаме се создава во нашата глава, но таа нема никаква врска со движењето на воздухот, туку со механичкото поместување на самиот апарат за слух.

И покрај сите овие интересни сознанија, излегува дека не е лесно да се пронајдат предизвикувачите на проѕевањето. Постојат многу теории од областа на филозофијата и психологијата кои се обидуваат да го објаснат овој феномен, иако засега ниедна не е докажана. Така, се споменува таканаречениот ефект на камелеон или несвесна мимикрија - ненамерна имитација. Други истражувачи, пак, го опишуваат проѕевањето како рефлекс кој настапува по стимуланс - проѕевање на друго лице.

Едно од најдоминантните објаснувања е и дека причина за заразното проѕевање (всушност, само кај приматите) е емпатијата. Според таа теорија, ние учествуваме во чувствата на другите, блиски луѓе, имаме потреба од милост да го чувствуваме она што тие го чувствуваат, па често ги имитираме движењата и активностите на личноста што ни е блиска.

Теоријата за емпатијата како причина за заразното проѕевање можеби ја потврдуваат испитувањата правени на мали деца со аутизам. Бидејќи спектарот на аутистични нарушувања (АСД) влијае врз социјалниот и комуникативниот развој на децата, па и врз способноста за емпатија, научниците помислиле дека истражувањето меѓу децата со аутизмот би можело да даде некои одговори. И навистина, излегло дека овие деца не се склони кон заразно проѕевање поради што е можно теоријата за емпатијата да е малку пооснована од другите.

Она што можеби уште повеќе ја поткрепува теоријата за емпатијата како причина за заразното проѕевање е тоа што луѓето почесто се проѕеваат ако видат блиска личност да се проѕева во споредба со проѕевањето на странците. Дури и кучињата почесто се проѕеваат ако тоа го видат или слушнат од сопственикот во споредба со непознато лице.

Проѕевањето не е заразно само кај кучињата, туку и кај другите животни - птици, рептили, мачки, шимпанза и тоа не задолжително во рамките на еден вид - но причините изгледа се различни. Бабуните се проѕеваат во присуство на непријател - можеби за да ги покажат нивните огромни песјаци. Рибите наречени сијамски борци (Betta splendens) се проѕеваат само во друштво на други такви риби, а често пред напад. На аделиските пингвини проѕевањето им е дел од ритуалот на поздравување.

Проѕевањето на луѓето е заразно за кучињата, а тоа особено ги интригира научниците. Тие најпрвин претпоставиле дека станува збор за еволутивни причини и дека е поврзано со доместификацијата на кучето, кое отсекогаш живее покрај човекот. Но, оваа теорија пропаднала кога излегло дека и волците се подложни на заразното проѕевање - колку посилна била социјалната врска меѓу единките, толку заразното проѕевање кај волците станувало почесто.