Дури и најдлабоките делови од океаните полека почнуваат да се затоплуваат

Дури и најдлабоките делови од океаните полека почнуваат да се затоплуваат

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Глобалното затоплување почнува да навлегува дури и во најдлабоките делови од нашите океани. Додека површините од овие големи водни површини го апсорбираат поголемиот дел од затоплувањето предизвикано од човекот, како што морската вода циркулира, загрижувачките промени полека го наоѓаат патот надолу.

Научниците од американската Национална океанска и атмосферска управа (НОАА) сега забележаа тренд на затоплување во некои од најдлабоките делови од јужниот дел на Атлантскиот Океан.

Анализирајќи податоци за температурата од аргентинскиот басен од 2009 до 2019 година, истражувачите утврдиле дека сите четири места се затоплиле за приближно 0,02 до 0,04 Целзиусови степени, во зависност од длабочината.

Една од направите за снимање била поставена 4.757 метри под брановите и забележала изненадувачка количина на варијабилност во текот на една година.

- Во минатото сите претпоставуваа дека длабокиот океан е пасивен, дека нема движење, нема промени. Но, секогаш кога одиме гледаме дека океанот е посложен отколку што сме мислеле - објаснува океанографот Крис Мајнен.

Дел од таа мистерија е поврзан со локацијата. Океанот е длабок и тоа значи дека добивањето податоци е предизвик, особено ако станува збор за долготрајни податоци.

Сепак, неодамнешните процени базирани на некои мерења и климатски модели предвидуваат дека некои делови од длабокиот океан се сѐ потопли како што океанот циркулира и ја врти водата.

Било утврдено дека во Јужниот Океан овие промени се случуваат побрзо отколку во Северниот. Сега податоците од аргентинскиот басен, лоциран во близина на бреговите на Уругвај, сугерираат дека нештата се одвиваат брзо на југот.

Четири направи откривале податоци за тоа што точно се случува на еден метар од морското дно. На помалите длабочини од 1.360 и 3.535 метри температурите варирале многу повеќе отколку што очекувале научниците и додека тие промени биле помали на подлабоки нивоа, нивните генерални шеми се совпаѓаат со она што се случува на површината.

Како тоа на крајот ќе влијае врз екосистемите или времето над брановите, сѐ уште не се знае, но со оглед на тоа колку океанската циркулација и температура се важни за нашиот глобален климатски систем, ова не се баш добри вести.

Направите поставени во длабочините на морето обично се користат за собирање податоци за струењата во длабокиот океан, но Мајнен и неговите колеги неодамна сфатиле дека исто така биле опремени со температурни сензори. Сензорите ја снимале температурата цело време и му овозможиле на тимот да добие увид во супердлабочините.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay