Назима скијачи, налето едриличари – тоа што немаат езеро не ги спречи тетовчани да се натпреваруваат во едриличарство

Назима скијачи, налето едриличари – тоа што немаат езеро не ги спречи тетовчани да се натпреваруваат во едриличарство

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога ќе застанеме и ќе сфатиме дека двете најголеми природни богатства, но и најголеми спортски терени во Македонија се токму Охридското Езеро и Шар Планина, тогаш сè е јасно. Не гледаме причина зошто да не се впуштиме во нив со цело срце и душа, вели Љубомир

Скијачкиот клуб „Диме Флејта“ од Тетово е основан во 1961 година и низ годините работел и како школа на старото детско одморалиште на Попова Шапка. Многу генерации тетовци, но и деца од поширокиот регион, ги направиле своите први скијачки чекори во клубот. Многу успеси нанижал низ годините. Именуван е по Диме Флејта, легендарен скијач и пионер на македонското скијање. Диме Флејта учествувал во организацијата на првиот ски-натпревар во 1934 година и бил дел од создавањето на првите услови за развој на скијачката инфраструктура во Македонија. Она што е интересно за скијачкиот клуб е што годинава се впушти и во едрењето. Основа камп „Нов Ветер 3“ и почна да едри во нови, не толку „познати води“.



Од снег на едра

- Кој пораснал на Шара, го познава ветерот. Го чувствува на лицето, го слуша како свири низ жичниците на Попова Шапка и како шуми низ дрвјата кон Лешница. По мирисот знае и дали носи зима или лето. Идејата за едриличарскиот клуб се роди меѓу луѓе кои со години живеат со ветерот на планина и на вода, преку скијањето и едрењето. Дојде некако природно. По успешната скијачка сезона на СК „Диме Флејта“, кога Македонија конечно осети вистински снег, со цели три месеци активно скијање какви што одамна немало, решивме летоска да се впуштиме во прекрасниот спорт едрење. Скијањето и едрењето се слични по нешто суштинско: во ниту еден од нив не се бориш против природата, туку учиш да работиш со неа. Како и во животот, во двата спорта до целта не се стигнува праволиниски, туку низ препреки, во цик-цак, чекор по чекор. Во натпреварувачкиот дел, и во двата спорта одлуката се носи во секунда, а само една грешка може да те стави последен на табелата. Постои и еден ист миг што го знае секој натпреварувач: тишината и подготовката пред стартот, додека го чекаш сигналот на стартната линија - ни сподели Љубомир Петровски, тренер-инструктор по скијање и заменик-претседател на Скијачкиот клуб „Диме Флејта“.



Кога решиле летоска да едрат, организирале седумдневен камп за неколку возрасни категории, деца од 7 до 15 години, млади над 15 години и возрасни.

- Во него активно учеа едрење и нашите инструктори. Целта беше преку спорт, образование и дружење учесниците да се запознаат со вештините на едрењето, со одговорноста и љубовта кон природата, вдахнувајќи го потенцијалот на македонските природни богатства, во секој поглед, од рана возраст. Низ деновите поминати на охридскиот брег, децата учеа да ги следат ветерот и брановите, да се дружат и да ја градат својата самодоверба, зашто и ние во Македонија имаме право со полни едра да станеме врвни луѓе во светот, во спортот или во друга дејност. Возрасните, пак, имаа можност да се дружат меѓусебно и со младите и да се запознаат со програмите на СК „Диме Флејта“, ЕК „Нов Ветер“ и ЕК „Акватика Јахтинг“ - раскажува Петровски.



Учевме како максимално да го искористиме ветерот

Во јули првпат настапија како дел од екипажот на „Нов Ветер“, а на следната регата веќе настапија со сопствен тим и скипер.

- Сè почна на кампот. Во текот на тие седум дена, околу 30 деца и десетина возрасни едреа во класите Оптимист и Фар ист 23Р, а на крајот од кампот веќе самостојно излегувавме на вода. За време на кампот дознавме за Националната лига за возрасни во едрење, дел од националниот систем на натпревари на Едриличарската федерација на Македонија, која се вози токму во класата Фар ист 23Р. Тогаш одлучивме нашите летни активности уште повеќе да ги насочиме кон едрењето. Од голема помош беше што седумдневните обуки на кампот се одвиваа токму на овие модерни, натпреварувачки едрилици - изјавува Љубомир.

Се посветиле на учење и на теоријата и на практиката. Ги учеле имињата на деловите на едрилицата, како се поставуваат едрата, како се намотуваат јажињата на винчот и како се стопираат.



- Научивме за десната (старборд) и левата (порт) страна, за так и џајб. Учевме како максимално да го искористиме ветерот, а тоа е цела наука. Покрај тоа, учевме за климатските карактеристики на Охридското Езеро, за усидрувањето и фаќањето бова, за тоа кога е паметно да испловиш и кога е подобро порано да се прибереш. А научивме, богами, и да ја чистиме палубата. И така, со голем ентузијазам, уште во јули се зачленивме во ЕК „Нов Ветер“, а кон крајот на месецот настапивме на првата регата како дел од екипажот „Нов Ветер 2“. Тоа беше вистинско натпреварувачко искуство бидејќи научивме како функционира еден екипаж, кој каде стои на пловилото и каква функција има. За втората регата го направивме следниот чекор и формиравме сопствен тим, „Нов Ветер 3“ - споделува Љубомир.

Тој вели дека тоа што нема езеро во Тетово не им претставува никаков проблем.

- Тренинзите на вода ги правиме во Охрид, барем еднаш месечно, за време на викендите и пред регатите, а од догодина планираме да излеземе и на море. Поддршката од ЕК „Нов Ветер“, ЕК „Акватика Јахтинг“ и ЕК „Меч Рејс“ за нас е клучна. Без нивните бродови, тренери и искуство, ова воопшто немаше да биде можно. Едриличарската заедница во Македонија е мала, но многу амбициозна, и нè прими како свои. Тука треба да се напомене дека Едриличарската федерација на Македонија неуморно создава услови и го става македонското едрење на европската и светската мапа. Деца и возрасни од различни клубови учествуваат на едриличарски натпревари од светски калибар, а во Охрид двапати се одржа настан од континентални размери, Европскиот меч рејс 2024 и 2025, во организација на ЕК „Нов Ветер“ и ЕК „Меч Рејс“. Меѓународната едриличарска заедница го препознава потенцијалот на нашата земја, па следното генерално собрание на Европската едриличарска федерација, во 2027 година, е планирано да се одржи токму во Охрид - изјавува Љубомир.



Најчесто се пријавуваат децата што веќе скијаат


Интересот за комбинацијата на зимски и летни спортови е голем.

- Низ кампот „Охридски ветрови“ поминаа десетици деца, што за прва година е одлично. Слободното време поминато во спорт останува највисок приоритет за правилниот развој на нашите најмлади. Во светот тоа е вообичаено, многу врвни скијачи преку лето едрат или веслаат. Треба да се напомене дека преку лето сакаме да правиме суви тренинзи поврзани со скијањето, а се надеваме дека во иднина ќе почнеме и со претсезонски подготовки на снегот на европските глечери. Најчесто се пријавуваат децата што веќе скијаат во клубот, од U8 до U16, а често и нивните родители, па така уште повеќе се зближуваме. Кога ќе застанеме и ќе сфатиме дека двете најголеми природни богатства, но и најголеми спортски терени во Македонија се токму Охридското Езеро и Шар Планина, тогаш сè е јасно. Не гледаме причина зошто да не се впуштиме во нив со цело срце и душа. Вистинските резултати од овие наши ангажмани ги гледаме кога ќе замижиме и ќе го замислиме плодот на нашиот труд за 10, 20 и 30 години од сега - додава Љубомир.

Фото: приватна архива