Не е важно само што јадете, туку и со кого - научниците открија интересен ефект

Не е важно само што јадете, туку и со кого - научниците открија интересен ефект

Вечерата што ја јадете сами може да разбуди чувство на осаменост. Недостигот на социјална поврзаност би можел да го промени начинот на кој вашето тело го преработува оброкот.

Ново истражување пронајде докази дека јадењето во друштво со други луѓе би можело да му помогне на телото да го одржи балансот на нивото на шеќер во крвта.

Во експериментите 108 учесници изеле нешто повеќе од 100 грама леб од бело пченично брашно. Во текот на следните два часа истражувачите го следеле нивниот гликемиски одговор.

Во едното сценарио учесниците јаделе леб сами. Во другото им се придружила блиска личност.

Во социјално опкружување, нивото на шеќер во крвта се зголемило помалку и побрзо се вратило на почетната вредност отколку кога учесниците јаделе сами. Авторите наведуваат дека тоа се вклопува во „робустен феномен“ кај луѓето.

- Регулацијата на шеќерот во крвта не зависи само од тоа што јадеме, туку и од тоа со кого јадеме - објаснува Шир Атзил од Еврејскиот универзитет во Ерусалим, Израел, и додава дека нашите односи имаат активна биолошка улога во нашата физичка благосостојба.

Кога јадете сами, може да се промени начинот на кој телото ја преработува глукозата

По истиот оброк богат со јаглехидрати, нивото на шеќер во крвта кај учесниците помалку пораснало кога јаделе со блиска личност отколку кога јаделе сами. Атзил и нејзините колеги наведуваат дека нивните резултати претставуваат доказ за концептот за принципот на социјална физиологија.

Тоа е биолошка рамка за разбирање на начинот на кој врските меѓу нашиот внатрешен и надворешен живот се развивале со текот на времето.

Социјалната физиологија би можела барем делумно да објасни зошто како вид сме поттикнати на соработка: ние сме меѓузависни организми кои се потпираат едни на други заради поголеми шанси за опстанок. Тоа може да се види дури и во нашата крв, дури и кога не сме во физички контакт.

- Порано мислевме дека телото е изолиран систем кој самиот се регулира - објаснува Атзил и додава дека нивните резултати покажуваат дека човечката физиологија е суштински социјална.

- Близината на личноста што ја сакаме му овозможува на телото да троши помалку енергија за сопствено регулирање. Тоа значи дека заедништвото има директна метаболичка корист и ни открива една од клучните еволутивни причини поради кои луѓето создаваат врски: нашето тело функционира подобро кога не сме сами - наведува Атзил.

Кај другите социјални животни, како овошните мушички, глодачите, свињите и мајмуните, истражувањата укажуваат дека изолацијата може да го скрати животниот век, да го ослаби имунолошкиот систем или да ги засили реакциите на стрес.

Сепак, од етички причини вакви експерименти не се спроведуваат врз луѓе. Наместо тоа, истражувачите ги проучуваат малите промени во функционирањето на телото кога сме сами во однос на ситуациите кога сме во друштво, за подобро да разберат како се менуваме во присуство на други луѓе.

Одговорот на глукозата е добар начин за тоа.

Кога глодачите/глувците биле чувани во социјална изолација, истражувањата покажале дека кај нив се менува сигнализацијата на инсулинот и се нарушува метаболичката функција, со што се зголемува ризикот од дебелеење.

Кај луѓето, пак, осаменоста е поврзана со нарушена контрола на нивото на шеќер во крвта и го предвидува развојот на дијабетес тип 2.

Тимот од истражувачи го спореди начинот на кој реагираат човечките тела на ист оброк богат со јаглехидрати кога луѓето се сами и кога се во друштво.

Исто така, спроведе паралелни експерименти со 116 учесници, тестирајќи како телото се справува со изложеноста на студ.

Кога партнерот бил присутен, регулацијата на телесната температура била поефикасна, особено кога двете лица се допирале. Но, придобивки постоеле дури и кога немало физички контакт.

Во друга серија експерименти, во кои учествувале 115 возрасни лица и 56 пара од мајки и бебиња, учесниците биле изложени на стрес-тест. Тој предизвикал послаба физиолошка реакција, како што е зголеменото потење, кога била присутна друга личност, дури и кога не биле во директен контакт со кожа.

Оваа реакција на возбуда, исто така, побрзо се смирувала кога личноста била во друштво.

Резултатите укажуваат на тоа дека присуството на друга личност во близина, дури и без допир, може да му помогне на телото подобро да функционира.

Јадењето во друштво може да има пошироки последици врз здравјето


Истражувањата покажуваат дека луѓето со силни социјални врски се поздрави, посреќни и живеат подолго, додека осаменоста и изолацијата се поврзани со поголем ризик од различни здравствени проблеми.

Најголемото истражување за среќата, кое трае веќе 88 години, покажува дека блиските односи се еден од најважните фактори за среќен и исполнет живот.

Со други зборови, времето поминато со луѓето што ги сакаме може да му користи и на телото, а не само на расположението. Истражувањето е објавено во списанието „Сајнс адвансес“.

Извор: n1info.rs 
Фото: Magnific