Нова анализа ја разоткри страшната вистина за Чернобил по 40 години - радиоактивните честички ќе претставуваат опасност со децении

Нова анализа ја разоткри страшната вистина за Чернобил по 40 години - радиоактивните честички ќе претставуваат опасност со децении

Анализата на ситните честички од нуклеарно гориво покажа дека нивната структура е значително нестабилна и потрајна отколку што научниците очекуваа. Тоа значи дека најголемиот дел од радиоактивниот материјал и понатаму е заробен во нив, но и дека честичките ќе останат опасни со децении.

Поминаа 40 години од најтешката нуклеарна катастрофа во историјата, а научниците уште ги истражуваат последиците од експлозијата во чернобилската нуклеарна централа. Со анализа на радиоактивните честички кои за време на несреќата беа исфрлени од реакторот, истражувачите се обидоа да утврдат колку од нуклеарното гориво се зачувало и во каква состојба се наоѓа по четири децении изложеност на атмосферски влијанија и радиоактивно распаѓање, пишува РТС.

Сознанијата за тоа како овие честички поднеле повеќедецениско изложување на околината се важни за процена на долгорочните ризици врз животната средина, но и за подобро разбирање на безбедноста на нуклеарните централи во иднина. Истражувањето би можело да им помогне на научниците и попрецизно да проценат кога враќањето во подрачјето на Чернобил без заштитен костим би можело да биде безбедно.

Најмногу ги изненади исклучителната постојаност на структурата на радиоактивните честички, која се покажа значително постабилна отколку што порано се претпоставуваше. Тоа укажува дека најголемиот дел од радиоактивниот материјал и понатаму е заробен во честичките наместо да се ослободи во околината.

Резултатите од истражувањето ги објавија научници од Универзитетот „Лајбниц“ во Хановер и Центарот „Хелмхолц“ во Дрезден и Росендорф, Германија.

Три вида честички настанати за време на нуклеарната катастрофа


Истражувачите анализираа шест честички нуклеарно гориво, кои ги поделија во три категории, во зависност од тоа што им се случило за време на експлозијата на реакторот.

- Постојат три класи од овие честички - објаснува физичарот Тобијас Вајсенборн од Универзитетот „Лајбниц“ во Хановер. - Прво, тука се честичките кои според хемиските и физичките својства и понатаму се многу слични на нуклеарното гориво, ураниум диоксидот - додава тој.

Втората категорија ги опфаќа честичките што се делумно или целосно обвиткани со слој од циркониум или целосно се стопиле со него. Третиот вид настанал кога графитниот модератор, материјалот што се користи за забавување на неутроните во реакторот се запалил за време на несреќата.

Секоја од овие категории има поинаков хемиски состав, што може да влијае врз начинот и брзината на разградба на честичките.

Анализираните честички беа со големина од едвај 8 до 50 микрометри. Тоа значи дека најмалку 20 такви честички би можеле да застанат во еден милиметар. Сите се собрани внатре во чернобилската зона на исклучување.

За да ја испитаат нивната внатрешна структура, научниците применија метода на дифракциона анализа. Врз основа на начинот на кој рендгенските зраци се одбиваат од материјалот, го утврдија распоредот на атомите во кристалната структура на честичките.

- На крајот честичките целосно ги ротиравме во рендгенски сноп фокусиран на пречник од 100 микрометри – што е приближно колку човечко влакно - објаснува кристалографот Кристоф Хениг од Центарот „Хелмхолц“ во Дрезден и Росендорф.

- Секоја честичка ја измеривме од 2.000 различни агли за да ги опфатиме сите рефлексии - рече Хениг.

Резултатите покажаа дека кај сите три вида честички структурата во која се наоѓа нуклеарното гориво во голема мера останала зачувана. Тоа укажува на поголема хемиска стабилност на овие честички отколку што порано се претпоставуваше.

Истражувањето им овозможи на научниците и подобар увид во тоа како експлозијата и последователните хемиски реакции го промениле составот на кристалите на нуклеарното гориво.

- Нашите резултати покажуваат дека честичките нуклеарно гориво од Чернобил претставуваат исклучително постојани складишта на радиоактивен материјал - наведуваат истражувачите во научниот труд.

Според нивното толкување, ваквиот истраен карактер би можел да биде поволен од гледна точка на загадувањето на животната средина бидејќи значи дека честичките можеби ослободуваат радиоактивен материјал побавно отколку што порано се претпоставуваше. Сепак, тоа не значи дека враќањето во подрачјето на Чернобил е безбедно. Наодите би можеле да помогнат во попрецизна процена на долгорочните ризици, но не претставуваат доказ дека опасноста поминала.

Радиоактивните честички остануваат опасни со децении

Постојаноста на честичките има и друга страна: радиоактивниот материјал не исчезнал, туку и понатаму се наоѓа во нив. Поради тоа, тие ќе претставуваат опасност уште со децении.

Вдишувањето на овие честички и понатаму може да биде исклучително опасно за здравјето. Освен тоа, честичките што се наоѓаат во почвата можат повторно да стигнат во воздухот со помош на ветер, ерозија или движење на животните.

Истражувачите предупредуваат дека нивниот труд има и ограничувања. Анализирани се едвај шест честички, собрани на две локации, што е премал примерок за носење општи заклучоци за моменталното ниво на ризик во целата чернобилска зона на исклучување.
За посигурна процена, потребно е да се соберат значително повеќе податоци и да се следи состојбата во текот на подолг временски период.

- Дури и кога во некој момент би добиле одредени просечни вредности, и понатаму не би можеле да носиме универзални заклучоци за ризиците за здравјето во тоа подрачје - вели Вајсенборн.

Тој додава дека дури и во случај честичките да се разградуваат на сличен начин, секогаш би можело да има исклучоци – попостојани честички кои ќе ги ослободуваат радионуклидите дури во подоцнежен период.

Истражувањето е објавено во списанието „Џурнал оф хазардaс материјалс“.

Извор: nova
Фото: magnific