Теракотната војска на царот Ќин Ши Хуанг веќе 2.200 години стои на стража во темнината на неговата гробница. Иако илјадниците борци на прв поглед изгледаат идентично, деталите на лицата, фризурите и оклопите откриваат исклучителна вештина на древните мајстори. Доло време се сметаше дека војската ја изработиле исклучиво возрасни мажи, но новото истражување на отпечатоците од прсти оставени во глината укажува на тоа дека во проектот учествувале и жени и деца, пишува „Сајенс алерт“.
Отпечатоците од прсти откриваат разновидна работна сила
Вајарите чија работа го надживеа царот на кого му служеа оставиле отпечатоци од прсти во сè уште мократа глина. Токму тие траги покажуваат дека во овој монументален потфат веројатно учествувале мажи, жени и деца.
- Овие наоди ја оспоруваат долгогодишната претпоставка дека производството на Војската од теракота се потпирало исклучиво на работната сила на возрасните мажи. Воедно нудат први квантитативни биолошки докази за разновидна работна сила која вклучувала жени и деца - наведува тимот од истражувачи предводен од археологот Сјаоси Ли од Музејот на мавзолејот на царот Ќин Ши Хуанг.
Големата некропола и понатаму е мистерија
Војската од теракота е откриена дури во 1974 година, откако повеќе од два милениума беше скриена под земја. Земјоделците, копајќи бунар на околу километар и половина од царевата гробница, наидоа на фрагменти од глинени борци во природна големина и така случајно ја открија големата подземна војска.
Нејзините вистински размери ќе се откриваат со години. Познатиот дел од војската го сочинуваат околу 8.000 борци, 130 кочии со 520 коњи и 150 коњаници, но поголемиот дел од големата некропола сè уште не е ископан, па нејзината целосна содржина останува непозната.
Идентитетите на занаетчиите што ја изведоа оваа работа се непознати бидејќи досегашните истражувања главно не се занимаваа со тоа прашање. Студиите повеќе се фокусираа на тоа како е направена војската, а не кој ја направил.
Така, претпоставката дека тоа биле мажи со нејасно потекло остана главно неоспорена, иако историските записи покажуваат дека жените и децата, исто така, работеле во државните работилници за време на династијата Ќин. Ли и нејзините колеги напоменуваат дека разновидната работна сила е документирана во производството на лакирани садови, но составот на работната сила на Војската од теракота остана отворено прашање.
Анализа на трагите оставени во глината
Студијата се темели на 36 борци од еден ископ, на кои се документирани 91 отпечаток од прст. Откако беа исклучени 12 отпечатоци за кои се чинеше дека им припаѓаат на исти лица, за анализа останаа 79 отпечатоци. Трагите се оставени насекаде по киповите - на главите, рацете, оклопот, јаките, па дури и на едно стапало. Се чини дека биле само спореден производ на процесот на изработка.
- Површинските отпечатоци, од кои имаше 73, беа оставени при обликувањето и составувањето, кога занаетчиите ги притискале прстите директно на мократа глина. Најчесто се пронајдени на главите и на рацете на фигурите, каде што занаетчиите ги држеле деловите за време на спојувањето и измазнувањето - пишуваат истражувачите. Преостанатите шест релјефни отпечатоци настанале кога однапред обликуваните глинени украси биле притиснати на површината на фигурата.
Тајната на анализата не е во големината на отпечатокот, туку во растојанието меѓу линиите на него. Истражувачите објаснуваат дека браздите на отпечатоците од прстите се шират како што личноста расте. Откако ќе се достигне коскената зрелост, растот престанува, а мажите обично имаат малку пошироко растојание меѓу браздите отколку жените.
Тоа значи дека просечното растојание меѓу браздите може да понуди насоки за возраста и полот на личноста. Проблемот е што мерењата значително се преклопуваат меѓу различните групи. На пример, адолесцент може да има отпечатоци кои е речиси невозможно да се разликуваат од отпечатоците на возрасна жена.
Жени и деца во царските работилници
Наместо да се обидат да го анализираат секој поединечен отпечаток, истражувачите користеа алгоритам за процена на уделот на различните демографски групи во целиот примерок од 79 отпечатоци. Своите мерења ги приспособија за да го земат предвид собирањето на глината за време на сушењето и печењето.
Демографската слика се покажа далеку поразновидна отколку што се мислеше порано. Според моделот, само 45 проценти од отпечатоците веројатно ги направиле возрасни мажи. Дополнителни 32,7 проценти им се припишани на возрасни жени, а преостанатите 22,3 проценти на деца помлади од 15 години.
Присуството на децата во работната сила можеби не било необично. Историските записи од династијата Ќин опишуваат формален систем на чиракување, во кој младите учеле занаети под надзор на искусни мајстори. Според древните правни ракописи на бамбус, познати како записи од Академијата Јуелу: „Вешт мајстор добро подучува, затоа чиракот ја завршува обуката за една година, а новиот мајстор за две.“
Истражувачите сугерираат дека е можно на помладите чираци да им биле доделувани поедноставни задачи, како прицврстување украси на оклопите, додека искусните мајстори извршувале технички посложени работи.
Ограничувања на студијата и идни истражувања
Наодите имаат и некои важни ограничувања. Примерокот од 79 отпечатоци потекнува од само 36 борци од еден дел од големото наоѓалиште, а уделот на отпечатоците не го одразува нужно вистинскиот однос на луѓето кои ги изработиле. Неискусните работници, на пример, можеле да остават повеќе отпечатоци од искусните мајстори. Исто така, потпирањето врз модерни европски референтни податоци внесува одредена несигурност.
Сепак, наодите укажуваат на тоа дека Војската од теракота можеби ја изработила значително поразновидна група луѓе отколку што порано се мислеше. Идната работа би можела да се насочи кон проширување на базата на податоци за отпечатоците за да се добие поголем примерок.
- Овие биолошки докази во голема мера ги потврдуваат многубројните историски записи и живописно ја реконструираат сцената на производството во државните работилници на династијата Ќин. Таму мажите и жените служеле заедно, а возрасните занаетчии работеле покрај младите, кои можеби биле помошници или почетници - заклучуваат истражувачите.
Истражувањето е објавено во списанието „Џурнал оф калчарал херитиџ“.