НАСА пресмета колку помалку загадуваме за време на пандемијата

НАСА пресмета колку помалку загадуваме за време на пандемијата

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Штом започна пандемијата, експертите почнаа да забележуваат дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот придонесуваат за намалување на емисиите на штетни гасови низ светот.

Научници од американската вселенска агенција НАСА пресметале колкав бил ефектот на мерките врз емисиите на штетни гасови. Тие велат дека емисиите на штетни гасови во атмосферата се намалиле за 20% на глобално ниво од февруари.

Истражувачот Кристоф Келер во соопштение за јавноста вели дека бил изненаден од податоците.

- Многу земји успешно ги намалуваат емисиите на штетни гасови во последните децении поради прописите за чист воздух, но нашите резултати јасно покажуваат дека човечкото однесување има значаен придонес - вели Келер.

За да добијат точни податоци, научниците користеле модел за предвидување на количеството азот диоксид - загадувач на воздухот кој се поврзува со транспортните и индустриски активности - кое би било испуштено доколку немаше пандемија. Тие откриле дека повеќето од градовите испуштиле помеѓу 20% и 50% помалку азот диоксид отколку количеството што би го испуштиле доколку немаше пандемија. Во Милано намалувањето на емисиите изнесува 60%.

Автор: Ден Робитски
Извор: futurism.com
Насловна фотографија: Pixabay