Каде се живее најдобро во Европа, а каде едвај се врзува крај со крај?

Каде се живее најдобро во Европа, а каде едвај се врзува крај со крај?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

И покрај заедничките вредности и културни врски, разликите во приходите низ Европа и понатаму се големи. Тие разлики делумно се намалуваат кога ќе се земе предвид куповната моќ, но сепак останува значителен јаз.

Последниве години европските домаќинства се соочија со сериозен раст на трошоците за живот, дополнително засилен од војната во Украина и нарушувањата во снабдувањето по пандемијата. Многу семејства мораа да ја намалат потрошувачката и денес внимателно го планираат секој денар, дури и сега кога инфлацијата се приближува до целната стапка на Европската централна банка од 2 отсто.

Како се мери стандардот?


Еден од вообичаените показатели е медијанскиот еквивалентен расположлив доход, односно типичниот приход по лице во домаќинството, приспособен според бројот на членови и по оданочувањето.

Според податоците за 2024 година, овој доход се движи од 3.075 евра во Албанија до дури 50.799 евра во Луксембург. Во рамките на ЕУ, најнизок медијански приход има Бугарија - 7.811 евра, додека просекот на ЕУ изнесува 21.582 евра.

На врвот на листата се Швајцарија, Норвешка и Луксембург, а потоа Данска, Австрија, Ирска, Холандија и Белгија, со приходи меѓу 30.000 и 35.000 евра. Над просекот се и Финска, Германија, Шведска и Франција.

Од другата страна, Македонија, Турција и Црна Гора се меѓу најниските во Европа. Во самата ЕУ, покрај Бугарија, Унгарија и Романија исто така бележат приходи под 10.000 евра.

Јасна поделеност


Податоците покажуваат видлив јаз: Западна и Северна Европа живеат подобро, додека Југоисточна и Источна Европа заостануваат. Разликата меѓу Луксембург и Бугарија надминува 40.000 евра.

Како што објаснува д-р Стефано Филауро од Универзитетот „Сапиенца“ во Рим, нивото на просперитет денес е резултат на долгорочни фактори, како што се историскиот развој на економијата, индустријализацијата и изградбата на социјалната држава.

Според Ѓулија де Лакари, економист од Меѓународната организација на трудот, државите со попродуктивни сектори како финансии, ИТ или напредна индустрија можат да исплаќаат значително повисоки плати.

Економиите што повеќе се потпираат на земјоделство или услуги со пониска додадена вредност имаат пониски заработки.

Што се менува кога ќе ја погледнеме куповната моќ?

Кога платите се споредуваат преку стандардот на куповна моќ, разликите се намалуваат, но и понатаму се големи. Медијанскиот приход тогаш се движи од 5.098 стандард на куповна моќ во Албанија до 37.781 во Луксембург.

Просекот на ЕУ изнесува 21.245 стандард на куповна моќ, додека Унгарија е најниско рангирана меѓу земјите-членки на ЕУ со 11.199. Земји како Полска, Романија и Бугарија изгледаат значително подобро според овој показател отколку според номиналните плати. Меѓу најголемите економии на ЕУ, Германија и Франција остануваат над просекот, додека Италија и Шпанија се нешто под него.

Извор: bizlife.rs
Фото: Unsplash