Уморни сте и кивате? Можеби имате синдром на новогодишна елка

Уморни сте и кивате? Можеби имате синдром на новогодишна елка

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Поставувањето новогодишната елка во домот може да претставува опасност за луѓето со астма и алергии. Кај нив често се јавува синдром на новогодишни елки, а го предизвикува мувлата од борот и од елката што ја вдишуваме.

Алергологот д-р Лоренс Курландски објаснува дека речиси 70 отсто од видовите мувла пронајдени во живите стебла може да предизвикаат сериозни напади на астма, замор, блокада на синусите, чешање на носот, солзи во очите и болка во синусите.

- Пред да го внесете дрвото во куќата, оставете го добро да се исуши на воздух - советува тој.

Ако некој од семејството е алергичен, треба да се отстрани дрвото што е можно поскоро по празниците. Исто така, важно е да се проветруваат просториите секојдневно, особено таа каде што се наоѓа дрвото за да се исчисти воздухот.

Топлината во домовите е една од причините што мувлата на дрвјата станува поопасна кога се блиску до алергични луѓе. Самите дрвја на себе имаат мувла што се носи во домот, а мувлата се развива во топла и влажна околина.

Но, ако мислите дека вештачките новогодишни елки се решение, треба да знаете дека и тие предизвикуваат проблеми бидејќи се полни со прашина или мувла ако не се покријат и ако не се заштитат кога не се користат.

елка

Вештачките дрвја имаат и предности и недостатоци. Тие не треба да се оставаат на таван, ако не се заштитени и ако не се чуваат во кутија. Во спротивно, тие 11 месеци собираат прашина, а дополнителен проблем може да биде и неизолираниот таван каде што може да се појави кондензација. Капките вода измешани со прашина придонесуваат за раст на мувлата, предупредуваат експертите.

Ако изберете живо дрво, препорачливо е да направите раствор од оцет и вода и да го испрскате дрвото со него, а потоа да го оставите малку на воздух. Оцетот ја убива мувлата и е евтино решение.

Вештачките дрвја може да се изнесат надвор и добро да се протресат за да се отстрани прашината.

Луѓето што првпат се соочуваат со синдромот на новогодишна елка на постара возраст честопати се прашуваат зошто порано немале проблеми. Тие се изненадени кога дознаваат дека ова е поврзано со имплементацијата на системите за енергетска ефикасност во домот, што ги прави домовите поизолирани.