Листа со најдолговечни автомобили: поедноставните модели траат подолго

Листа со најдолговечни автомобили: поедноставните модели траат подолго

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Постарите модели, кои се поедноставни за одржување и поправка, имаат предност во споредба со новите автомобили, кои се преоптоварени со технологии што го зголемуваат ризикот од дефекти.

Експертот Валериј Антуфјев, раководител на одделот за процена на возила во компанијата „Алфа лизинг груп“, направил листа со автомобили познати по својата долговечност, на која доминираат јапонски модели.

Сепак, има и неколку изненадувања од Европа, односно возила што ја освоиле довербата на возачите благодарение на својата сигурност и едноставен дизајн.

Сигурноста на возилото е клучна за секој возач, особено за оние што купуваат половни автомобили. Оваа листа не само што им помага на потенцијалните купувачи да донесат одлука базирана на точни информации, туку покажува и дека поедноставниот дизајн може да има предност во однос на современите, технолошки напредни модели.

Долговечноста на овие автомобили значи пониски трошоци за одржување и помалку стрес за нивните сопственици, што ги прави одличен избор за сите што бараат сигурен и долготраен половен автомобил.

Јапонските модели доминираат

Од деветте модели што се најдоа на листата, дури шест се на јапонски производители. „Тојота“, позната по издржливоста на своите автомобили, предничи со моделите „РАВ4“ и „ленд крузер прадо“, кои го користат моторот 3ZR-FAE. Тука се и „хонда си-ар-ви“ и „акорд“ со агрегатот R20A, како и „мицубиши лансер“ и „аутландер“ со моторот 4B11.

Овие модели стекнаа репутација поради својата издржливост, квалитет и долговечност, а многу сопственици сведочат дека можат да поминат повеќе од 400.000 километри без поголеми проблеми.

Европски изненадувања

На листата се најдоа и неколку изненадувања од Европа. „Рено“ и „Дачија“, производители кои обично не се поврзуваат веднаш со долговечноста, нудат модели како „меган“, „логан“ и „сандеро“ - сите со моторот K4M 16V.

Овој мотор со зафатнина од 1,6 литри е познат по едноставната конструкција и ниските трошоци за одржување.

Препораката на експертите е редовна замена на запчестиот ремен на секои 60.000 километри, што овозможува долгорочно сигурно функционирање. Антуфјев истакна дека овие автомобили се доказ дека поедноставниот дизајн и квалитетната изработка можат да ги надминат современите технологии кога станува збор за долговечност.

- Ако правилно се одржуваат, можат да поминат и повеќе од 400.000 километри без сериозни дефекти - нагласува тој.

Податоците укажуваат дека сложеноста на современите возила често не оди во прилог на нивната долговечност. Постарите модели, кои се поедноставни за одржување и поправка, имаат предност во споредба со новите автомобили, кои се преполни со технологии што го зголемуваат ризикот од дефекти.

Експертите се согласуваат дека овие модели, со поедноставна конструкција, се сигурен избор за сите што бараат доверлив и долготраен половен автомобил.

Извор: 021.rs
Фото: Pixabay