Паузирана програмата за зелена карта на САД

Паузирана програмата за зелена карта на САД

Администрацијата на Трамп ја паузира програмата за Лотаријата за зелена карта за САД по пукањата на универзитетите „Браун“ и МИТ, соопшти Кристи Ноем, секретар за внатрешна безбедност на САД.

Во објава на социјалната мрежа „Х“ таа истакна дека човекот по кој трагаат поради поврзаност со пукањето на „Браун“ влегол во САД во 2017 година токму преку таа програма. Ноем додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп долго време е противник на лотаријата.

Програмата, која меѓу луѓето е позната како зелена карта, нуди 55.000 визи годишно за луѓе од земји со ниски стапки на имиграција во САД. Тоа е процес со повеќе чекори, кој вклучува и интервју и медицински испитувања.

48-годишниот Португалец Клаудио Мануел Невес Валенте е осомничен за пукањето на „Браун“, каде што и самиот тој студирал, во кое беа убиени двајца студенти, а девет други беа ранети, како и за убиството на професорот на МИТ. Валенте беше пронајден мртов од прострелна рана, која, според известувањата, била нанесена како чин на самоубиство.

Извор: Bussines Insider
Фото: Freepik