Докторите советуваат кога да вечерате ако сакате да живеете подолго

Докторите советуваат кога да вечерате ако сакате да живеете подолго

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Малку животни навики носат толку културно значење како прашањето кога е најдобро време за вечера. Американците вечераат рано, Италијанците доцна, а Шпанците уште подоцна. Во Велика Британија на оваа тема ѝ се придава и класна димензија - колку подоцна вечерате, толку сте, наводно, поотмени. Раната вечера остава слободна вечер за различни активности, додека доцната вечера сама по себе може да биде посебен настан.

Три часа пред спиење

Но, постои ли идеално време за вечера од здравствен аспект? Делумно, да. Она што е особено важно, според Волтер Лонго, директор на Институтот за долговечност при Универзитетот на Јужна Калифорнија, е со јадењето да завршите најмалку три часа пред да легнете. Ако, на пример, обично одите на спиење околу полноќ, крајниот рок за вечера би бил околу 21 часот.

Причината е тоа што јадењето подоцна може да го наруши циркадниот ритам, кој управува со преминот на телото од дневен во ноќен режим и обратно. Ако ја поместувате вечерата сè подоцна, пораката што му ја испраќате на организмот е дека сè уште треба да биде активен, објаснува Лонго. Тоа може негативно да влијае врз квалитетот на сонот слично како изложеноста на силна светлина пред спиење, но и врз ефикасноста на согорувањето калории.

Продолжете го периодот меѓу вечерата и појадокот

Ако го продолжите ноќниот период без храна меѓу вечерата и појадокот, му овозможувате на телото да влезе во фаза во која започнува согорувањето на мастите. На тој начин го тренирате организмот да го прави она за што е природно создаден - да согорува јаглехидрати кога ги внесувате преку храната, а масти кога не јадете. Ова може да помогне при слабеење и воопшто е корисно за здравјето на метаболизмот.

Дали тоа значи дека е подобро појадокот да се помести за подоцна или да вечерате порано? Преовладува мислењето дека поголема корист се постигнува ако внесот на калории се ограничи порано во текот на денот, вели Адам Колинс. Тоа има смисла и од перспектива на циркадниот ритам бидејќи телото тогаш е најподготвено да се справи со храната.

Најчеста навика на стогодишниците

Најчестата вечерна навика на луѓето што доживеале сто години, според Лонго, е лесна и доволно рана вечера што остава околу 12 часа до појадокот следниот ден. Помалиот внес на храна навечер е здрав и според старата изрека што советува: појадувај како крал, ручај како принц, а вечерај како сиромав.

Сепак, тоа не е секогаш реално. Доста е тешко да се изеде обилен појадок бидејќи често едноставно човек нема апетит, вели Колинс. Делумно затоа што телото уште при будењето почнува да ослободува глукоза во крвта, па нивото на енергија веќе е покачено. А со оглед на тоа што повеќето луѓе за ручек јадат само сендвич, неизбежно е најголемиот дел од калориите да се внесуваат навечер.

Прозорец од 12 часа

Затоа, не треба премногу да се оптоварувате, додава тој. Тоа е во ред сè додека му овозможите на телото период на одмор, така што следното утро ќе имате појадок со малку јаглехидрати. Клучно е да се обрне внимание на целокупниот образец на исхрана. Раната вечера е една работа, но еднакво е важно по неа да не седите пред телевизор со чипс, чоколадо и алкохол.

Ако временски ограниченото јадење не е изводливо, и подоцна е подобро отколку оброците да се развлекуваат во текот на целиот ден. А ако во текот на денот тренирате, особено вежби за сила како кревање тегови, пообилна вечера богата со јаглехидрати и протеини може да биде корисна за закрепнување на мускулите.

На крајот, вели Лонго, суштината е оброците да бидат сместени во рамки од 12 часа и вечерата да заврши три часа пред спиење. Потребни се дополнителни промени во исхраната само ако телото лошо реагира на постојниот распоред. Ако имате пообилна вечера, а притоа добро спиете и холестеролот и крвниот притисок ви се во нормални граници, тогаш сè е во ред. Но, ако лошо спиете и имате здравствени проблеми, можеби треба да преминете на пообемен појадок, поголем ручек и помала вечера, што во практика најчесто се покажува како најздрав образец на исхрана.

Извор: N1info.hr
Фото: Freepik