Јутјуб-видео што никој нема да го догледа: трае 140 години и нема никаква содржина

Јутјуб-видео што никој нема да го догледа: трае 140 години и нема никаква содржина

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Додека поголемиот дел од видеата на „Јутјуб“ траат само неколку минути, а дури и таканаречените „долги формати“ ретко надминуваат еден или два часа, едно видео ги помести сите граници, и тоа без никаква содржина.

Интернетот уште еднаш покажа дека за вирален хит понекогаш не е потребно апсолутно ништо. Социјалните мрежи и „Јутјуб“ моментално дискутираат за снимка што не прикажува баш ништо: црн екран, без слика, без звук, без какво било дејство. И не станува збор за симболично „ништо“, како некој што бесцелно седи или прави нешто банално, туку овде навистина не се случува апсолутно ништо.

И покрај тоа, ефектот е спротивен од очекуваното. Видеото, објавено на 5 јануари, за само неколку дена имаше повеќе од 2 милиона прегледи. Импресивна бројка за каква било содржина, а особено за онаа во која нема ништо. Но, вистинската бизарност допрва следува.

 

Според официјалниот опис, видеото трае повеќе од 140 години. Да, добро прочитавте. Додека дури и легендарниот десетчасовен луп од „Војна на ѕвездите“, во кој императорот Палпатин го повторува „Do it“, се чини бескраен, овој запис влегува во сосема нова димензија на апсурд - толку е долг што ниту едно човечко суштество не би можело да го дочека неговиот крај.

Дополнителна конфузија создава фактот што видеото е објавено од профил со име „shinywr“, а насловот се состои од само еден знак, прашалник. Уште почудно е што, иако во описот е наведено времетраење од 1.234.567 часа, при репродукција се прикажуваат само 12 часа, што покрена нови прашања и сомнежи.

Секако, интернетот го направи она што најдобро го знае - започна со теории. Се појавија дури и шпекулации дека каналот има врска со Северна Кореја, што дополнително ја распали фантазијата на корисниците и отвори простор за нагаѓања за скриени пораки, тестирање на алгоритми или почеток на нова дигитална легенда.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Freepik