„Умирање за плата“: Што му се случува на вашето тело кога си ја мразите работата?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Токсичната работа може сериозно да го наруши здравјето. Иако сите имаат лоши денови, долготрајниот стрес остава последици врз телото и менталното здравје.
Професорот Џефри Фајфер од Универзитетот „Стенфорд“ укажува дека лошото управување е поврзано со огромни здравствени трошоци и илјадници предвремени смртни случаи годишно.
Не можете да спиете
- Несоницата често е првиот сигнал - вели клиничкиот психолог Моник Рејнолдс. Луѓето тешко заспиваат, се будат ноќе и постојано размислуваат за работните обврски. Ако ова се повторува и е директно поврзано со работата, тоа е јасен знак дека стресот станал токсичен и дека нешто е сериозно нарушено.
Имате главоболки
Кога работата ја доживувате како закана, мускулите постојано се затегнати. Оваа хронична напнатост во вратот и главата често води до главоболки и мигрени.
- Стресот се претвора во физичка болка - објаснува Рејнолдс, нагласувајќи дека телото реагира дури и кога умот се обидува да издржи.
Ве болат мускулите
Токсичното работно место го држи телото во постојана состојба на готовност, со зголемено лачење адреналин и хормони на стрес. Ако често сте згрчени, со подигнати рамена и стисната вилица додека работите, тоа е знак дека телото постојано се „брани“.
Ви се влошува менталното здравје
Долготрајниот стрес може да ги засили анксиозноста и депресијата, особено кај луѓе кои и претходно биле склони кон грижи.
Доколку имате чувство дека вашиот шеф постојано е против вас, вашето ментално здравје трпи. Една анализа од 2012 година, која опфатила 279 студии, ја поврзала перцепцијата за организациска неправда со здравствени тегоби кај вработените, како што се прејадување и депресија.
Почесто се разболувате
Истражувањата покажуваат дека хроничниот стрес го слабее имунитетот, поради што телото потешко се брани од инфекции. Ако постојано настинувате или чувствувате дека никогаш не сте целосно здрави, причината може да биде токму работното опкружување.
Губите интерес за секс
Кога работниот стрес се носи дома, интимните односи трпат. Постојаната напнатост и замор ја намалуваат желбата. Стресот кај жените ја намалува сексуалната желба, а кај мажите може да доведе до понизок тестостерон и намалено либидо.
Постојано сте уморни
Ова не е обичен замор, туку длабока исцрпеност што не поминува ни по одмор или викенд. Ова е како маѓепсан круг: работите премногу затоа што сте преоптоварени, а сте преоптоварени затоа што работите премногу.
Ви се менува апетитот
Под долготраен стрес телото лачи кортизол, хормон што ги зголемува гладот и желбата за „храна за утеха“. Иако ова може привремено да смири, на долг рок создава нездрави навики.
Што можете да направите?
Правете паузи и дозволете му на телото да се опушти преку движење, дружење или медитација. Ако состојбата не се менува, давањето отказ не е слабост, туку заштита на вашето здравје.
Извор:
Nova.rs
Фото: Freepik