Вистински временски услови или дигитална илузија?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кога екстремните временски појави стануваат визуелна сензација, мораме да обрнеме посебно внимание на тоа што е реално, а што е генерирано со вештачка интелигенција.
Во последните неколку дена на интернет кружат голем број „фотографии“ и „видеа“ од Камчатка, каде што за само неколку дена наврнале повеќе од 170 сантиметри снег, а локално веројатно и повеќе. Тоа е количина која за повеќето Европејци е речиси незамислива, но претставува екстрем и за локалното население. На линкот подолу можете да погледнете вистински видеа од Камчатка.
За споредба: во 1952 година во Словенија се случил исклучителен настан кога во Љубљана наврнале 146 см снег, 176 см во Жири, 180 см во Блед, 188 см во Бовец, 263 см во Стара Фужина во Бохињската Долина, 280 см во Локве на Трновската Висорамнина, а кај изворот на Соча дури 295 см. Ова сè уште е историски рекорд кој, поради глобалното затоплување, веројатно никогаш нема да се повтори.
Бидејќи ваквите сцени тешко можеме да си ги замислиме, многу лесно можеме да бидеме измамени од „снимки“ генерирани со вештачка интелигенција. Оваа технологија веќе создава исклучително реалистични слики на прв поглед, а развојот оди со голема брзина. Сè потешко е да се разликува реалното од вештачкото, па затоа и читателите и новинарите мора да бидат дополнително внимателни. За жал, повеќе не можеме слепо да им веруваме на визуелните медиуми - тоа одамна е реалност, но со новите технологии измамата станува уште подостапна.
Многу словенечки и странски медиуми и веб-страници објавија фотографии и видеа генерирани со ВИ, претставувајќи ги како реални. Ваквото однесување придонесува за ширење дезинформации, кои стануваат еден од најголемите општествени предизвици на современото време.
Сепак, со внимателно око сè уште можат да се забележат одредени карактеристични ВИ-факти:
Снимките изгледаат речиси неверојатно - Кога инстинктот ни укажува на сомнеж, потребно е да ја провериме автентичноста.
Внимание на детали во видеата - Необични форми, изобличувања и недоследности (на пример, прозорци што се вкрстуваат, скали што се затвораат нелогично, необично дизајнирани автомобили или згради, необични форми на човечко или животинско тело итн.).
Физичка нелогичност - ВИ-моделите не ја разбираат физиката; движењето и тежината често немаат смисла (на пример, деца се санкаат на врвот од огромен снежен нанос, каде што во реалноста лесниот снег под тежината на луѓето би пропаднал длабоко; снежните наноси се распоредени нелогично, нивната текстура не е мазна, туку изгледа како изоран снег; ненормално движење на луѓе или предмети).
Необичен визуелен шум или треперење - Благо, постојано движење на сите детали, иако камерата е статична.
Неприродно заматување при движење - Кај реални снимки објектите што брзо се движат и екстремитетите природно се заматуваат, додека кај ВИ-видеата заматувањето е недоследно, неприродно и визуелно се „прелева“ или ја менува формата.
Премногу идеални кадри - Совршено осветлување, драматична композиција и естетска перфекција, што ретко се среќава кај случајни снимки; сепак, само тоа не е доволен доказ за неавтентичност.
Пластичен изглед - Објектите, лицата и целата „снимка“ изгледаат премногу мазно, без ситни неправилности во текстурата, нечистотии или случајни оштетувања.
Многу кратки видеа - Често траат само неколку секунди, иако ова технолошко ограничување постепено исчезнува.
Нејасен или непостоен извор - Нема информации за авторот, локацијата, датумот или оригиналниот медиум.
На приложените материјали се означени детали кои откриваат дека станува збор за вештачки генерирани слики, а не за реални снимки.
Автор: Нејц Трампуж
Фото: Facebook/MeteoinfoSlovenija