На НАСА ѝ се потребни комичари за мисијата на Марс

На НАСА ѝ се потребни комичари за мисијата на Марс

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

НАСА работи со истражувачи за да види дали комичарите би можеле да помогнат во кохезијата на тимот за долготрајни мисии.

Потребни: паметни, во одлична физичка форма и смирени кандидати за првата мисија на Марс. Мора да имаат: луда перика, огромни чизми и голем црвен нос.

Ова е доволно за Нил Армстронг да се превртува во гробот, но истражувачите открија дека успехот на наредната мисија на Црвената Планета може да зависи од присуството на кловн во тимот.

Идните астронаути ќе треба да докажат дека имаат нешто многу поразлично од претходните што учествувале во мисиите „Аполо“ - хумор. Според истражувачите, хуморот и комичарите се докажан начин за обединување на тимовите во стресни ситуации.

nasa
Фото: Alamy


- Тоа се луѓе што имаат способност да ги обединат групите, да ги надминат јазовите кога се појавуваат тензии и да го зголемат моралот. Кога живеете во затворен простор долго време, каква што ќе биде мисијата на Марс, голема е веројатноста да се појават. Од витално значење е да имате некој што ќе им помогне на другите да се согласуваат за тие да можат да си ја работат работата и да стигнат таму безбедно. Ова е критично за мисијата - вели Џефри Џонсон, антрополог од Универзитетот во Флорида.

Тој поминал четири години проучувајќи ги екипите на Антарктикот и ја идентификувал важноста на кловновите, лидерите, пријателите, раскажувачите на приказни, миротворците и советниците за здружување на тимовите и нивното беспрекорно функционирање и работење. Тој открил дека истите мешавини функционираат во американски, руски, полски, кинески и индиски бази.

- Овие улоги се неформални, тие се појавуваат во рамките на групата. Но, интересно е што ако ја имате вистинската комбинација, групата функционира одлично. Ако не, групата функционира прилично лошо - вели тој.

Мисијата на Марс не е едноставна. Патувањето до оваа планета би траело околу осум месеци. Се очекува самата далечина да предизвика психолошки пад кај астронаутите, а освен тоа, тие може да се соочат со временско задоцнување во комуникациите до 20 минути. Во итен случај не би имало време да ѝ се јават на контролата: екипажот ќе биде оставен сам на себе. Дури и мали задоцнувања во комуникацијата се лоши за екипажот. Кога НАСА тестираше задоцнување од 50 секунди на Меѓународната вселенска станица, екипажот беше фрустриран.

Џонсон сега соработува со НАСА за да истражува дали кловновите или други ликови се од суштинско значење за успехот на долгите вселенски мисии. Досега тој анализирал четири групи астронаути што поминале 30 до 60 дена во живеалиштето на агенцијата, во Хјустон, Тексас.

- Сега сакаме да видиме дали овие видови неформална улога функционираат на сличен начин во симулирани вселенски средини - вели Џонсон.

Тој студирал изолирани рибари во Алјаска и открил дека кловновите често сакаат да бидат центарот околу кој се вртат шегите. На Антарктикот набљудувал еден кловн кој издржал исмејување, а бил клучен за градење мостови меѓу групи научници и истражувачи.

Сепак, Џонсон вели дека од кандидатите ќе се бара многу повеќе.

- Да се биде смешен нема да биде доволно за да ја добиете работата - додава тој.