Скопскиот се постави како говор со престиж и тој е виновен за тоа што грешиме во правописот

Скопскиот се постави како говор со престиж и тој е виновен за тоа што грешиме во правописот

Скопскиот се постави како говор со престиж и тој е виновен за тоа што грешиме во правоговорот и правописот, изјави директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, на одбележувањето нa 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик прогласен од УНЕСКО.

За да се подигне јазичната култура, Институтот планира да организира обуки за новинари и за лица што се занимаваат со односи со јавноста, како и за сите заинтересирани граѓани.

На денешниот настан учествуваа дваесетина ученици од скопски основни и средни училишта и се слушнаа 16 јазици, меѓу кои и изведба на песна на ладино – јазикот на македонските Евреи, кој го зборуваат околу 200 говорители.

Проф. д-р Снежана Веновска-Антевска зборуваше за значењето на мајчиниот јазик, за кој рече дека е врската со другите јазици. Македонскиот јазик со својата структура и семантика достигна високо ниво кое сега треба да се заштитува, додаде таа.

- Се прашуваме каде грешиме, а јас би прашала зошто грешиме? Ако ние ја подигнеме свеста за сопствениот јазик на доволно високо ниво, особено во медиумите кои го шират убавиот македонски збор, тогаш мислам дека сме го постигнале одговорот дека треба да се почитува стандарднојазичната норма, а нашиот Институт научно пристапува во градењето на тој стандард - рече Веновска-Антевска.

Во време на глобализација, интернет и доминација на англискиот јазик, според неа, важна е улогата на семејството зашто од дома и во градинка почнува љубовта кон сопствениот јазик. Важно е сите да настапуваат заедно зашто најголемата одговорност сега е да се заштити јазикот, особено тоа да се вгради во свеста на новите генерации, вели таа.

Оваа година одбележувањето на Светскиот ден на мајчиниот јазик финансиски е поддржано од Град Скопје.



Институтот минатиот месец беше домаќин на јавната расправа за измените на Законот за употреба на македонскиот јазик, на која имаше и забелешки од учесниците. Директорката Јованова-Грујовска рече дека сите забелешки се пратени до предлагачот – Советот за македонски јазик и до Министерството за култура.

- Понатаму е работа на законодавниот дом како сето тоа ќе се имплементира. Ние ги дадовме сите забелешки и тие се во правните служби на Собранието на разгледување - изјави за медиумите директорката на Институтот.

На 30. сесија на Генералната конференција во 1999 година, УНЕСКО го прогласи 21 февруари за Меѓународен ден на мајчиниот јазик и од наредната 2000 година беше промовиран во Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам.

Датумот е избран во спомен на трагичните демонстрации на студенти од Универзитетот во Дака, кои како учесници на бенгалското јазично движење биле убиени од полицијата на 21 февруари 1952. Протестот бил против одлуката на владата на новоформираната држава Пакистан во 1948 – урду да стане единствен официјален јазик во земјата која била поделена на голем број етнички и лингвистички групи, а најголем број од жителите биле Бенгали со мајчин бенгалски јазик.

Во Декларацијата на УНЕСКО за културна разновидност, меѓу другото, е наведено правото на секоја личност да се изразува и да создава на јазик што ќе го избере, а особено на мајчин јазик.

На половината од околу шест илјади јазици што се зборуваат во светот им се заканува исчезнување, а во околу 200 земји се зборува за мали јазици, т.е. јазици со мал број говорители кои се соочуваат со предизвик да бидат зачувани. Во последните три века изумираат или драматично се намалува бројот на јазици, особено на американскиот и на австралискиот континент.

Извор: МИА