Зошто некои луѓе стареат побрзо, а други остануваат младолики?

Зошто некои луѓе стареат побрзо, а други остануваат младолики?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражување спроведено на Универзитетот во Јужна Калифорнија ја испитувало стапката на промена што се случила во ДНК кај повеќе од 4.000 луѓе над 57 години.

Според експертите, некои луѓе стареат толку многу, што нивното тело е 40 години постаро отколку нивната вистинска возраст. Други луѓе, пак, кои имаат 60 години, имаат физичка возраст што е со децении помлада.

- Некои луѓе имаат 57 години, а изгледаат како да се во нивните 20-ти, додека некои изгледаат како да се над 100 години - изјави д-р Ајлин Криминс, професорка по геронтологија.

Таа вели дека експертите веруваат дека неповолните социјални искуства може да го променат епигенскиот профил на човекот на начини што можат последователно негативно да влијаат врз нашето здравје.

stareenje
Фото: Unsplash

- Има луѓе што изгледаат 36 години помлади, додека други изгледаат 48 години постари - додава таа.

Во друг пример истражувачите откриле дека 66-годишник имал биолошка старост од 114 години, додека друга личност на 59 години имала биолошка старост од 23 години.

Истражувачите ги анализирале епигенските промени. Тие можат да помогнат да се утврди дали гените се вклучени или исклучени и можат да влијаат врз производството на протеини во одредени клетки, обезбедувајќи дека се произведуваат само неопходните протеини.

- Луѓето веруваат дека основниот процес на стареење е оној што ги опфаќа сите различни здравствени исходи поврзани со возраста како когнитивниот пад, болестите, инвалидитетот, слабоста и смртноста - вели д-р Криминс.

Научниците користеле примероци од крв од учесниците и ги тестирале наспроти „епигенските часовници“ за да ги измерат промените на ДНК. Пушењето, стресот, загадувањето и дебелината заедно со „епигенските промени“ може да се користат како часовник за да се утврди колку брзо старее човек. Криминс вели дека кај женскиот пол било откриено забавување на часовникот за стареење до две години, додека дебелината го забрзувала часовникот за стареење до 18 месеци.

Извор: Daily Mail