Краков воведува контрацепција за гулаби за да го намали нивниот број

Краков воведува контрацепција за гулаби за да го намали нивниот број

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Властите во Полска најавија програма за контрола на популацијата на гулабите. Планот предвидува поставување специјални хранилки со храна што содржи контрацептивен препарат.

Краков е познат по големите јата гулаби во историскиот центар. Неговиот средновековен плоштад често е преполн со птици, што е една од најпрепознатливите сцени на градот.

Гулабите имаат и место во локалниот фолклор. Според легендата, вештерка ги претворила витезите на полскиот кнез Хенрик Пробус во гулаби, кои клукале камења од црквата „Света Марија“ што потоа се претворале во злато.

Сепак, денес нивниот голем број се смета за проблем. Градските власти постојано добиваат поплаки за извалкани фасади и тротоари, како и оштетување на инфраструктурата.

Мерката првично ќе се спроведува како пилот-проект. Контрацептивната храна ќе се поставува на локации со најголема концентрација на гулаби. Целта е постепено да се намали нивната популација без да се убиваат.

Проектот се реализира во соработка со научници и организација за заштита на животни. Ветеринарот Пшемислав Баран објаснува дека ќе помогне да се намали и бројот на болни птици.

Претставниците на градот уверуваат дека препаратот не претставува ризик за луѓето. Слични методи веќе биле тестирани во Брисел.

Полските градови во последниве години бараат похумани решенија за дивите животни. 



Извор: Notesfrompoland.com 
Фото: Freepik