Почина Ерик Дејн, ѕвездата од „Вовед во анатомија“ и „Еуфорија“
Ерик Дејн почина на 53-годишна возраст, потврдуваат американските медиуми. Дејн стана ѕвезда со улогата на д-р Марк Слоун (познат и како д-р Мекстими) во „Вовед во анатомија“. Пред 10 месеци тој јавно објави дека боледува од амиотрофична латерална склероза (АЛС), позната и како Лу Геригова болест.
- Со тешко срце споделуваме дека Ерик Дејн почина по храбра борба со АЛС. Тој ги помина последните денови опкружен со драги пријатели, неговата посветена сопруга и неговите две прекрасни ќерки Били и Џорџија, кои беа центарот на неговиот свет. Во текот на борбата со болеста Ерик стана страстен застапник за подигнување на свеста за АЛС, решен да направи разлика за другите што се соочуваат со истата борба. Многу ќе ни недостига и секогаш ќе се сеќаваме на него со љубов. Ерик ги сакаше своите обожаватели и засекогаш ќе биде благодарен за изливот на љубов и поддршка што го добиваше. Семејството бара приватност додека се справува со оваа загуба – стои во соопштението од семејството.
Дејн е роден во Сан Франциско во 1972 година. Неговиот татко починал кога имал 7 години. Дејн истакнал дека сè додека самиот не станал родител, не сфатил колку „разорна“ била загубата за него како дете.
Случајно почнал да се занимава со глума.
- Бев ватерполист во средно училиште и сезоната на натпреварување беше кратка, па на крајот бев вовлечен во улогата на Џо Келер во „Сите мои синови“. И се заљубив во тоа. Си помислив, ова е најдоброто чувство досега – изјавил тој.
Дејн играл во серијата „Еуфорија“, „Бурлеска“, како и „Денот на вљубените“, „Марли и јас“ и „Последниот брод“.
Во 2004 година се ожени со актерката Ребека Гејхарт. Тие ги добија ќерките Били и Џорџија во 2010 и 2011 година.
Извор: people.com
Фото: Instagram screenshot