Начинот на одење открива какви емоции чувствуваат луѓето

Начинот на одење открива какви емоции чувствуваат луѓето

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Начинот на кој одат луѓето може да ги открие нивните емоции, покажува ново истражување од Јапонија.

Замавнувањето со рацете и нозете укажува на чувствата - поголемо замавнување е поврзано со бес, додека помало сигнализира страв или тага.

Истражувачите ги замолиле волонтерите да ги погодат емоциите на луѓето врз основа на видеоснимки од нивното одење. Во експериментите, актери оделе додека се присетувале на настани што кај нив предизвикале бес, среќа, страв или тага.

Видеоснимките прикажувале само движења на телото, без израз на лицето или други знаци. Набљудувачите успешно ги препознале емоциите.

Во вториот експеримент научниците ги измениле видеата со цел да го зголемат или намалат замавнувањето на рацете и нозете. Поагресивното одење испитаниците го доживеале како лутина, додека послабите движења ги поврзувале со тага или страв.

- Одењето е едно од најпознатите и највежбани движења на целото тело, па промените во емоционалната состојба природно влијаат врз начинот на кој одиме - вели Мина Вакабаши, авторка на истражувањето од Меѓународниот институт за напредни телекомуникациски истражувања во Кјото.

Истражувањето нагласува дека толкувањето на емоциите врз основа на движењето може да им помогне на луѓето да ги разберат другите во општествени ситуации, дури и оддалеку.

Научниците гледаат потенцијална примена во системи за надзор и уреди за носење што ја следат менталната состојба.

Слични истражувања во Тексас покажале дека алгоритми на машинско учење можат делумно да предвидат лутина, тага, радост и страв врз основа на начинот на одење.

Извор: 021.rs
Фото: Freepik