Црна прогноза: До 2050 година светот ќе биде значително посиромашен

Црна прогноза: До 2050 година светот ќе биде значително посиромашен

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Влијанието на климатските промени, поттикнати од емисиите на јаглерод диоксид, се предвидува значително да го намали глобалниот БДП за приближно 38 билиони американски долари до 2050 година, без оглед на агресивните напори за намалување на емисиите на јаглерод, открива ново истражување.

Објавена во списанието „Природа“, новата студија ја нагласува итноста од намалување на емисиите на стакленички гасови за да се ублажи понатамошното економско уништување, кое се предвидува по средината на овој век. Бидејќи Земјата веќе доживеа зголемување од 1,2 Целзиусови степени на просечната површинска температура, последиците вклучуваат зголемени топлотни бранови, суши, поплави и бури, што ќе се влошуваат со зголемувањето на нивото на морето.

Ублажување на штетата

За да се ограничат економските загуби, императив е да се ограничи глобалното затоплување под 2  Целзиусови степени, како што е наведено во Парискиот договор.

- Останувањето под прагот од 2 Целзиусови степени би можело да ја ограничи просечната регионална загуба на приход на 20 отсто, во споредба со 60 отсто во сценариото со високи емисии - објаснува Макс Коц, водечки автор на гореспоменатата студија.

Додека истражувањето избегнува конкретни политички препораки, ја нагласува важноста на амбициозните напори за ублажување, особено за ранливите нации. Според Андерс Леверман, виш научник во Потсдамскиот институт за истражување на климатските влијанија (ПИК), се предвидува дека посиромашните земји ќе го сносат товарот на климатските влијанија и покрај тоа што минимално придонесуваат за емисиите, бидејќи немаат ресурси за приспособување.

Се предвидува дека Германија, САД и Франција ќе доживеат пад на приходите од 11 до 13 отсто до 2050 година. Студијата вклучува четиридецениски економски и климатски податоци од 1.600 региони, нудејќи сеопфатна анализа на штетите, вклучувајќи ги и оние од екстремните временски настани.

Конзервативни процени?


Наодите од истражувањето откриваат дека процените на штетата може да бидат конзервативни, не успевајќи да ги опфатат сите трошоци поврзани со климата, како што се зголемувањето на нивото на морето и уништувањето на шумите. Боб Вард, политички директор на Институтот за истражување „Грантам“, сугерира дека реалните трошоци од влијанијата на климатските промени би можеле многу да ги надминат сегашните проекции.

И покрај неверојатните економски трошоци, студијата ја нагласува достапноста на мерки за ублажување, во споредба со потенцијалните загуби од неублажените климатски промени. Според климатскиот економист Гернот Вагнер, трошоците за акција се значително помали од трошоците за неактивност.

Со глобалниот БДП кој надминал 100 трилиони долари во 2022 година, студијата предвидува удвојување до 2050 година, во отсуство на климатски влијанија по 2020 година, истакнувајќи ги значителните економски ризици поврзани со неконтролираните климатски промени.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik