Не прашувајте го „Чет-ГПТ“ за лек - половина од одговорите за здравје што ги дава се погрешни

Не прашувајте го „Чет-ГПТ“ за лек - половина од одговорите за здравје што ги дава се погрешни

Вештачката интелигенција дава погрешни медицински совети во речиси половина од случаите. Ново големо истражување објавено во угледното медицинско списание „Би-ми-џеј опен“ открива дека популарните чет-ботови можат да бидат ризични за здравјето.

Истражувачите предупредуваат дека луѓето не треба да се потпираат на овие системи бидејќи нивните одговори често се неточни или нецелосни.

Научници од САД, Канада и Велика Британија тестирале пет од најпознатите платформи, меѓу кои „Чет-ГПТ“, „Џеминај“ и „Мета АИ“.

Резултатите покажале дека речиси 50 отсто од нивните одговори на медицински прашања биле оценети како проблематични. Она што најмногу ги загрижува експертите е фактот што овие системи изнесуваат тврдења со голема самодоверба, дури и кога не се точни.

Системи како „Грок“ и „Дипсик“ често не успеваат да обезбедат точни докази за советите што им ги даваат на корисниците.

Околу 20 отсто од сите нивни препораки биле оценети како високоризични за здравјето. Тоа значи дека следењето на таквите совети може директно да го загрози животот на лице кое бара помош преку интернет.

Каде најмногу греши вештачката интелигенција?

Чет-ботовите се покажале како делумно сигурни само кај едноставни прашања поврзани со вакцини и рак. Но, кога станува збор за посложени теми, како исхрана или матични клетки, нивната точност значително опаѓа.

Токму во овие области е забележан најголем број грешки, што лесно може да ги доведе во заблуда луѓето без медицинско образование.

Истражувачите нагласуваат дека ниту еден од анализираните системи не понудил целосно точни извори за своите тврдења. Иако одговорите звучат стручно и уверливо, тоа не значи дека се точни.

Затоа, и покрај развојот на технологијата, одењето кај вистински лекар останува единствениот сигурен начин да се добие точна дијагноза и соодветен третман.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Freepik