Лабковски: Невротичен е оној човек што се плаши од ова..

Лабковски: Невротичен е оној човек што се плаши од ова..

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Познатиот психолог Лабковски за една руска веб-страница неодамна зборуваше за симптомите на невротичните луѓе.

- Маргарет Тачер еднаш рече дека 90 отсто од нашите грижи се за нешто што никогаш нема да се случи. Најдобриот и најздравиот начин за однос кон проблемите е да не мислиме за нив однапред, туку да ги решаваме како што ќе ни доаѓаат - вели тој.

Но, мал број луѓе се во состојба така да постапуваат.

- Постојано се грижиме и тоа е наша природна состојба. Истовремено, знаеме дека возбудувањето околу проблемот не помага, туку нè спречува да дојдеме до решение. Во нас се создава еден вид празнина, а каде што е празнината, таму е и грижата - вели тој.

Анксиозноста е страв без адреса

Родителите стравуваат поради децата; жените поради мажите; мажите поради парите. Некои луѓе мислат дека тоа е нормално, но вака функционира само светот на невротичарите, кои постојано се грижат за нешто и си создаваат пекол во својата глава.

Да се биде невротичен значи постојано да се грижите и да создавате грижа за неважни работи.

Како ментално здравите луѓе се разликуваат од невротичарите?


Сите луѓе се грижат, тоа е природно. Но, нивната грижа е реална и оправдана, додека невротичарите постојано наоѓаат причина за грижа, без оправданост.

За анксиозните луѓе, животот е само низа проблеми што мора да се решат што побрзо. Невротичарите секогаш создаваат тензија околу сè. Нив постојано ги следат лутината, фрустрацијата и непријатноста. Она што е карактеристично за нив е дека не знаат да уживаат во животот и не ги оставаат и другите да уживаат.

Здравата личност нема бурно да реагира поради нечистите садови, автобусот што доцни. Ако постојано сте вознемирени и нервозни, застанете и размислете зошто е тоа така.

Фројд рекол дека личноста се одредува според нивото на нервоза што можеме да го поднесеме. Па, колкаво ниво на стрес вие можете да поднесете?

Ако сфатите дека вашата психа постојано бара причини за грижа, ќе имате можност да влезете во светот на нормалните луѓе и таа нервоза или страв да ја ставите под контрола.

Потеклото на анксиозноста секогаш лежи во детството, во стравот на нашите родители, во генетиката. Нашите баби и прабаби со векови живееле под постојан стрес и тоа некако се вметнало во нашиот генски код, така што сега сите сметаме дека е нормално да бидеме под постојан притисок, да си создаваме одредена грижа.

- Тоа не е нормално - вели психологот. - Таквиот начин на живот не е природен.