5Г, зрачењето и здравјето на луѓето - интервју со хрватскиот физичар, проф. д-р Ивица Пулјак

5Г, зрачењето и здравјето на луѓето - интервју со хрватскиот физичар, проф. д-р Ивица Пулјак

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

За да ги држиме своите стравови под контрола, важно е знаењето. Што повеќе знаеме, помалку се плашиме

Секое тело загреано на некоја температура зрачи електромагнетни бранови. Со оглед на тоа што сите тела имаат некоја температура - сите тела зрачат. Зрачи Сонцето, зрачат луѓето, вели за Факултети.мк проф. д-р Ивица Пулјак, физичар од Хрватска. Обидувајќи се на многу едноставен начин да ја приближи науката до широката популација, тој на јутјуб-каналот почна емисија под наслов „Наука во пет“.
- Дали некој ви рекол колку зрачиш денеска! Тоа е така бидејќи навистина зрачите – вели тој во уводот во една своја емисија.

Со проф. Пулјак разговараме за основите на физиката, за зрачењето, како науката се употребува денес во медицината, какво зрачење ќе ни донесе 5Г-технологијата, дали ќе биде опасна за животот на луѓето. Интервјуто го објавуваме во рамките на серијата текстови посветени на 5Г-технологија каде што им отстапуваме простор на научниците да ги објаснат работите.


Проф. д-р Ивица Пулјак

Иако на шега вели дека станал јутјубер, станува збор за еден од најреномираните научници во регионот. Тој е редовен професор по физика на Факултетот за електротехника, машинство и бродоградба (ФЕСБ) во Сплит, каде што дипломирал електротехника. Магистрирал на физика на елементарните честички на Природно-математичкиот факултет во Загреб, а докторирал на истата област на Универзитетот „Пјер и Марија Кири“ во Париз, кој денес е во рамките на Сорбона. Од 1994 година е член на Compact Muon Solenoid (CMS), кој управува со CMS детекторот на Големиот судирач на хадронски честички (LHC) во Европската организација за нуклеарно истражување (ЦЕРН) крај Женева. Водел група од повеќе од 100 светски научници кои го пронашле Хигсовиот бозон низ неговото распаѓање во два З бозона. Во моментот предава на многу меѓународни школи, членува во многу светски научни организации, добитник е на престижни награди.

Објаснете ни што е зрачењето во основа? Што значи овој поим?

- Зрачење е кој било процес на емисија на енергија во облик на бранови или честички во просторот или материјата. Сите тела околу нас зрачат некој облик на енергија, па зрачењето претставува можеби најсеприсутен и најчест физикален процес во природата.

Какви видови зрачења постојат?

- Во природата постојат четири вида зрачења: електромагнетни бранови, зрачење на честичките, механички бранови и гравитациски бранови. Електромагнетните бранови или зрачење понатаму се дели на радиобранови, микробранови, инфрацрвено, видливо, ултравиолетово, х-зраци и гама-зраци. Секое тело загреано на некоја температура зрачи електромагнетни бранови. Со оглед на тоа што сите тела имаат некоја температура, тоа значи дека во суштина сите тела зрачат. Честичките со кои телата најчесто зрачат се алфа-честички, бета-честички, космички зраци, неутрони и неутрини. Алфа-честички се јадрото на хелиумот, бета-честички се електроните и антиелектроните, а заедно со гама-зраците, неутрините и неутроните се претвораат во нуклеарни реакции. Космичките зраци доаѓаат од вселената, најчесто од Сонцето, но и од други небесни тела. Механички бранови се звук, ултразвук и сеизмички бранови. Гравитациски бранови се создаваат како последица на забрзувањето на телата со масата. Неодамна првпат ги детектиравме и докажавме дека постојат, бидејќи се исклучително слаби, па тешко се уочуваат. Тие гравитациски бранови настанале како последица на судир на две црни дупки, многу далеку од нас.


На предавање

Сѐ на сѐ, зрачењето е насекаде околу нас. Не можеме да го избегнеме, на поголем дел од него сме се приспособиле со текот на еволуцијата, а со остатокот треба да научиме да живееме. Зрачењето е неопходен дел од нашите животи, особено модерната технологија. Токму таа технологија е многу заслужна што денес живееме во најдобрата доба во историјата на човештвото, со најмалку насилство, сиромаштија и глад откако постои. Веројатно нештата ќе продолжат така да се одвиваат и светот ќе биде сѐ подобар и подобар. Знаењето, науката, технологијата, а со тоа и зрачењето, се важен дел од таков свет и важен дел од нашата иднина.

Луѓето често споменуваат јонизирачко и нејонизирачко зрачење кога е 5Г во прашање. Кое од овие зрачења има влијание врз човечкиот организам и врз секоја друга биолошка форма. Како дејствуваат?

- Јонизирачкото зрачење, како што кажува и самиот термин, може да го јонизира материјалот низ кој поминува. Тоа значи дека од атомот на материјалот избива еден или повеќе електрони и од тој атом се создава позитивен јон. Со тоа се менува, додуша малку, но некогаш значајно, атомската структура на материјалот, што понатаму може да предизвика различни последици. Намерно не кажав „негативни последици“ бидејќи кога нешто разбираме и знаеме, тогаш тоа зрачење можеме да го користиме за добри работи, а најчесто тоа и го правиме.

Наука за најмалите

Јонизирачко зрачење се х-зраци и гама-зраци, додека 5Г спаѓа во т.н. нејонизирачко зрачење. Тоа може да предизвика загревање на материјалот и зголемување на температурата, евентуално некои интерференциски ефекти. За поголемо влијание на нејонизирачкото зрачење потребен е голем интензитет на такво зрачење. Затоа, за изложување на луѓето на таков вид зрачење се пропишани многу ниски граници на дозволениот интензитет. Под нив досега не се утврдени негативни последици врз здравјето.

И Сонцето зрачи. Луѓето не можат да живеат без тоа зрачење, но ако долго време се изложени на него, особено во текот на летото, може да биде и штетно. Кога Сонцето е наш лек, а кога причина за опасни болести?

- Сонцето е нашата најблиска ѕвезда и еволуција на сите живи суштества, па така и нас, луѓето, нѐ приспособила на животот околу неа. Сонцето поголем дел од својата енергија ја зрачи на полето на видливата светлина и затоа ние гледаме на тоа подрачје. Впрочем и затоа се нарекува „видлива светлина“. Освен тоа, Сонцето зрачи и помали енергии - инфрацрвено, микробраново и радиоподрачје, но и поголеми енергии - ултравиолетово, х-зраци и гама-зраци.


Сонцето е нашата најблиска ѕвезда / Фото: Pixabay

Опасното подрачје за нас почнува веќе во ултравиолетовиот дел, но еден дел од атмосферата – гасот наречен озон – нѐ штити од него. Кога дебелината на озонскиот слој се намалува, најчесто поради нашето дејствување, тогаш врз нас се зголемува штетното влијание на овој дел од Сончевото зрачење. Од друга страна, Сонцето е апсолутно нужно за нашиот живот бидејќи, меѓу другото, е извор речиси на сета енергија што денес ја користиме на Земјата.

Како го користиме зрачењето денес, особено во медицината?

- Денес зрачењето многу се користи во медицината и тоа на два начина: за дијагностика и за терапија. За дијагностика, т.е. утврдување на состојбата на нашиот организам, развиени се уреди кои користат разни видови зрачења за сликање на внатрешноста на нашето тело - како структурата на коските и меките ткива, така и активностите на разни процеси во нашето тело.


ПЕТ-скенер / Фото: Pixabay

На пример, денес имаме уред кој се нарекува ПЕТ-скенер, кој користи антиматерија за да се добие тродимензионална слика на активностите на нашиот организам. Ако во нашето тело има тумор, тогаш и најмалиот ќе се види на таквата слика. Ако е во почетна фаза, можеме да се излекуваме. Во терапијата зрачењето се користи за отстранување на туморите така што се озрачуваат со јонизирачко зрачење и на тој начин се уништуваат. Најновите инструменти што се користат за ваквите терапии се огромни акцелератори на честички кои се користат за уништување на туморите. Значи, зрачењето може да има многу позитивни улоги, зависно од тоа што сакаме да постигнеме. А причината е што сме ги совладале знаењата, вештините и технологиите на подрачјето на примена на зрачењето и сега тоа можеме да го користиме за добросостојба на сите нас.

Како ова зрачење дејствува на човечкото тело, и на надворешноста и на внатрешните органи?

- Секое зрачење на некој начин е штетно за нашето тело. Но, некои велат дека и животот е штетен за нас. Некои половина на шега - половина на вистина велат дека животот сам по себе е смртоносна болест бидејќи завршува со смрт. Како и за повеќето нешта што ги правиме во животот, ние секогаш бараме рамнотежа помеѓу она што го добиваме и она што го губиме. Добар пример е лечкувањето тумор со зрачење. Идејата е со високи дози на јонизирачко зрачење да ги уништиме клетките на туморот и така да се излекуваме. Но, во тој процес ќе страда и здравото ткиво околу туморот. Ние тоа го прифаќаме, знаејќи дека со жртвување на еден дел од здравото ткиво ќе добиеме многу повеќе со уништување на туморот и така ќе си го продолжиме животот. Таков избор правиме дури и при секоја најобична операција. И тогаш уништуваме еден дел од здравото ткиво за да се излекуваме.

Луѓето не се плашат од снимање на рендген поради некоја повреда, ниту од магнетна резонанција, но се плашат од зрачење од 5Г. Зошто?

- Мислам дека основната причина е страв од непознатото, недоволно знаење и вишок неточни информации. Што се однесува до самото зрачење, магнетната резонанција е најмалку штетна. Претходно оваа метода се нарекуваше „нуклеарна магнетна резонанција“, но го исфрливме зборот „нуклеарна“ зашто луѓето без никаква причина се плашеа. Рендгенот е навистина евентуално штетен за нас, но користа што ја добиваме од тој преглед е многу поголема од евентуалната штета.

Фото: Pixabay

За 5Г сѐ уште нема ниту еден релевантен доказ дека е штетен за нашето здравје и не треба да се плашиме. Но, денес поради разни теории на заговор и ширење страв, некои луѓе се плашат од 5Г-технологијата. Тоа е донекаде разбирливо зашто стравот е една од најјаките човечки eмоции, вградена во нас со еволуцијата, за брзо да реагираме на опасностите околу нас. Затоа и денес ние се плашиме од сѐ. Но, нема причина од сѐ да се плашиме зашто тоа може да нѐ парализира и да го спречи нашиот личен и развојот на нашето општество.

Какво зрачење треба да очекуваме од 5Г-уредите?

- Уредите што користат 5Г-технологија ќе имаат дури и помали нивоа на зрачење бидејќи околу нас ќе има повеќе 5Г-антени, со тоа сигналот ќе биде поголем, а потребниот интензитет помал. Фреквенциите и енергиите што ги користи 5Г-технологијата се поголеми од тие на веќе постојната 4Г-технологија, но и понатаму се многу далеку од јонизирачко зрачење.

Луѓето често зборуваат за базни станици, 5Г-антени. Колку би зрачеле тие и дали би биле опасни за живот?

- Антените што ги користи 5Г-технологијата ќе бидат погусто распоредени поради самата природа на 5Г-зрачењето. Но, како што реков, тоа значи дека интензитетот на зрачење ќе биде помал. Досегашните истражувања не пронашле негативни влијанија врз здравјето на луѓето.


„Што повеќе знаеме, помалку се плашиме“: проф. Пулјак

Истражувањата продолжуваат и ако некогаш се пронајде нешто негативно, тогаш ќе се реагира и нештата ќе се поправат. Така секогаш сме постапувале: сме биле грижливи и внимателни при воведување разни технологии, сме го следеле нивното влијание врз здравјето и ако се покажело дека нешто е негативно, сме реагирале и сме ги поправале спорните делови од технологијата или сме правеле нешто друго за да ја направиме таа технологија безбедна за користење.

Дали треба да се плашиме? Зошто?


- Не треба да се плашиме од 5Г-технологија. Според сѐ што знаеме досега, таа ќе биде природно продолжение на мобилните технологии што ги користевме досега и ќе овозможи понатамошен развој на сите нас поединечно и на нашите општества. Би била голема штета да се одречеме од оваа технологија поради нерационални стравови или теории на заговори кои се шират на социјалните мрежи. За да ги држиме своите стравови под контрола и да гледаме во иднината со надеж и оптимизам, важно е знаењето. Што повеќе знаеме, помалку се плашиме. Затоа и ќе завршам со цитат на една од најголемите научнички во историјата, Марија Кири: „Од ништо на светот не треба да се плашиме, само треба да го разбереме. Сега е време да разбереме повеќе за да можеме помалку да се плашиме“.