Какво влијание има музиката врз луѓето?

Какво влијание има музиката врз луѓето?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Која песна ве прави среќни? Сигурно постои цела листа со песни што ве потсетуваат на среќни моменти во животот и песни што постојано сакате да ги слушате. Но дали знаете дека музиката не само што го подобрува расположението туку и здравјето на срцето?

Музиката не го активира само слушниот систем, туку поттикнува и многу региони во мозокот, вклучувајќи ги и оние за движење, јазик, внимание, меморија и емоции.

- Не постои таков стимул што истовремено влијае врз толку широки области на мозокот како што е музиката. Ова глобално активирање се случува додека слушате музика, свирите инструмент или пеете - вели Брајан Харис, музички терапевт од „Харвард“.

Музиката може да ја промени хемијата во мозокот и овие промени може да бидат корисни за срцето, покажуваат многу истражувања. На пример, луѓето што слушаат музика подолго вежбаат, им се подобрува функцијата на крвните садови со релаксирање на артериите, отчукувањата на срцето и крвниот притисок се враќаат во нормала многу побрзо по оптоварување, се намалува анксиозноста кај луѓето што преживеале срцев удар, им помага на луѓето во заздравувањето по операција на срцето, со што пациентите чувствуваат помалку болка.

Како и други пријатни сензации, слушањето или создавањето музика го поттикнува лачењето на допаминот, хемиска супстанција во мозокот што на луѓето им дава мотивација. Обработката на звук започнува во мозочните клетки кои исто така ги контролираат отчукувањето на срцето и дишењето. Оваа врска објаснува зошто релаксирачката музика ги забавува срцевиот ритам, дишењето и притисокот и ги олеснува болката, стресот и анксиозноста.

Мора да биде музика што ни одговара


Научниците сугерираат дека музиката избрана од самите пациенти има подобар ефект од онаа што ја избрал друг. Според американската асоцијација за музичка терапија, музиката предизвикува реакции благодарение на познавањето на мелодијата, предвидливоста и чувствата на безбедност поврзани со неа.

Во истражувањето за опуштање на артериите, кога биле тестирани класичната и рок-музиката, подобрувањата биле позначајни кога љубителите на класична музика слушале класична музика.