Вештачката интелигенција може да предвиди кога некој пациент ќе умре

Вештачката интелигенција може да предвиди кога некој пациент ќе умре

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Вештачката интелигенција (AI) знае кога ќе умрете. Но, за разлика од научнофантастичните филмови, таа информација може да спаси многу животи. Според нова студија, ставањето на електронските досиеја со податоци за здравјето во модел за длабоко учење може да ја подобри точноста на предвидените исходи.

Во пробните верзии, кои користат податоци од две американски болници, истражувачите успеале да покажат дека овие алгоритми можат да предвидат колку време пациентот ќе остане во болница, но и времето на смртта.

Невронската мрежа опишана во студијата користи многу податоци, како што е медицинското досие на пациентот, за да направи предвидување.

Нов алгоритам ги подредува претходните настани од досието на пациентот во времеплов, кој дозволува моделот на длабокото учење да ги предвиди идните настани, вклучително и смртта. Невронската мрежа вклучува и рачно напишани белешки, коментари и чкртаници на стари дијаграми за да ги даде предвидувањата. И сите овие калкулации се направени во рекордно време.

Што можеме да направиме со оваа информација освен да се плашиме од неизбежното? Болниците би можеле да најдат нови начини да ги приспособат плановите за лекување и да ги „фатат“ итните случаи уште пред да се случат. Исто така, може да се ослободат здравствените работници, кои веќе не би морале да ги внесуваат податоците во стандардизиран, читлив формат.

Фото: Pixabay

Секако, вештачката интелигенција има голем број други примени во здравството. Пар неодамна откриени алгоритми можат да дијагностицираат рак на белите дробови и срцеви заболувања поточно и од лекарите.

Сè повеќе податоци за нашето здравје се внесуваат во централизирани компјутерски системи, но повеќето од тие бази со податоци постојат независно, раширени низ различни здравствени системи и владини агенции. Канализирањето на сите тие лични податоци во еден претскажувачки модел, поседуван од една од најголемите приватни корпорации во светот, е решение, но тоа не е привлечно.

Електронските досиеја за здравјето на милиони пациенти во рацете на мал број приватни компании може да им дозволат на таквите како „Гугл“ да ги експлоатираат здравствените индустрии и да има монопол во здравството.

Професионалците од областа на здравството веќе се загрижени за ефектот што вештачката интелигенција ќе го има во медицината штом вистински ќе биде вметната и ако не бидеме внимателни околу транспарентноста пред да се случи тоа.

Од Американската медицинска асоцијација признаваат дека комбинирањето на вештачката интелигенција со лекарите може да донесе многу бенефити, но тие истакнуваат дека AI-алатките мора да задоволат неколку клучни критериуми, вклучително да бидат и транспарентни и непристрасни.