Како да го заштитите кучето од топлотен удар?

Како да го заштитите кучето од топлотен удар?

За време на големите горештини не смее да се заборави ниту на домашните миленици, кои, исто како и луѓето, можат да доживеат топлотен удар, познат како хипертермија. Тоа може да има сериозни последици врз нивното здравје.

Нормалната температура на кучето е од 38 до 39,2 степени Целзиусови, Сѐ над тоа е опасно. Кога внатрешната телесна температура на кучето надминува 42,8 Целзиусови степени, доаѓа до топлотен удар. Кучињата имаат два начини да се разладат: проширување на крвните садови и дишење. Кога дишат, ја испаруваат влагата од нивните јазици, носеви и слузницата на белите дробови, што ги лади додека воздухот минува низ влажното ткиво.

-Топлотниот удар обично се случува кога високите температури на околината ја надминуваат способноста на кучето да ја „поднесува“ топлината. Степенот на влошување се одредува од тоа колку е висока температурата на телото и колку долго животното било изложено на тоа - вели ветеринарот д-р Џери Клајн.

Знаци на кои треба да се внимава

Топлотниот удар кај кучињата е опасен по живот и може да има сериозни компликации. Постојат рани знаци на топлотен удар на кои треба да се обрне внимание и да се дејствува пред работите да станат премногу сериозни.

Тоа се: отежнато дишење и забрзано дишење, прекумерна саливација, светлоцрвени непца и јазик, кожа топла на допир и зголемен пулс. Кучињата при топлотен удар стануваат хиперактивни и може да имаат потешкотии во рамнотежата.

Кои групи се најизложени на ризик?

Најчувствителни се многу малите, како и постарите кучиња, кучињата со прекумерна тежина и оние кои не се во форма, бидејќи дополнително се напрегаат и трошат повеќе енергија во претерано топлата средина.

Една од најчестите причини за топлотен удар кај кучињата е оставањето на миленичето затворено во автомобил или во кафез или простор без свежа вода подолго време.

Како се лекува топлотниот удар?

Прво и основно, треба да му помогнете на кучето да се олади, на еден од следниве начини: кучето се носи на ладно место, прскање или миење на кучето со студена (но не претерано студена) или млака вода, носење пред вентилатор или друг освежувач.

Превенцијата е најдобриот лек!

Итното и правилно дејствување и спречувањето се исклучително важни бидејќи може да бидат разлика меѓу брзото и целосно закрепнување и долгорочните последици. Некои ветеринари, исто така, предупредуваат дека кај кучињата кои претрпеле топлотен удар има поголема веројатност тоа да им се повтори.

За крај, советот гласи – одберете да го прошетате миленичето кога Сонцето ќе зајде. И никогаш не оставајте го во автомобил – можеби ќе си недостигате, но подобро е кучето да чека дома.

Извор: МИА